Skip to content

Да ми бидеш

Да ми бидеш столб.
Во цветно утаре да трчкам околу тебе.
Да се трудам да ти угодам.
Да сакам да ти угодам.
Да ти зготвам.
Да ти месам нешто со прстиве.
Кафе да ти направам.
Со тебе да сум едноставна, смотана, смешна.
Со тебе да сум домаќинката
која се колнев дека никогаш нема да бидам.
Не дека ти таква ќе ме направиш.
Со тебе да сакам таква да бидам.

Да ми бидеш господин.
Во црвен фустан и високи штикли
да застанам до тебе
и цврсто да ти ја стегнам дланката.
Да нема поубави од нас.
Да нема некои што подобро се вклопуваат.
Да нема некои што се поубави кога се заедно
од јас и ти.
Со тебе танго да заиграм.
Половинава моја в дланки да ти се прекршува.
Со тебе да сум дамата
која отсекогаш сакав во мене да заблеска.
Не дека ти таква ќе ме направиш.
Со тебе да сакам таква да бидам.

Да ми бидеш грев.
Во црна чипка да се појавам пред тебе.
Да ти се предадам.
Да ти се препуштам.
Да нема друг што ќе ме љуби како тебе.
Да нема поотровни бакежи од твоите.
Да нема понежни допири од твоите.
Дел од тебе некаде во мене да остане.
Со тебе да сум дива и бесна.
Не дека ти таква ќе ме направиш.
Со тебе да сакам таква да бидам.

Да ми бидеш прибежиште.
Мрачна, тмурна, расплакана, скршена и слаба,
таква пред тебе да се појавам.
Да се стуткам во тебе.
Да се стопам.
Да не ми биде страв пред тебе слаба да сум.
Да ми ги избришеш солзите.
Да ми кажеш дека ќе помине.
Да ми кажеш дека дури и да не помине,
со тебе барем ќе ми биде полесно.
Не дека ти таква ќе ме направиш.
Со тебе да сакам таква да бидам.

Напишете коментар