Skip to content

Анте Поповски – Косачи

Поезијата на Анте Поповски изобилува со живописни сцени кои се појавуваат пред очи додека ги читаш стиховите. Денешниот избор е негова песна насловена „Косачи“ од истоименото поглавје, од збирката „Вардар“ (1958).

Косачи

Со моето тело го покосивте и мојот говор
Ме оставивте сама и црните сокови на вашата неизбежност
Ќе ме хранат дури не легнете крај мене.

Вие не сакавте ни збор да чуете од мене
И сите туѓи раце оставени врз моето тело
Им ги поверивте на своите остри коси
И ги продадовте за една обична дневница.

Си отидовте задоволни од моето кутнатно жолтеење
Верувајќи дека со тоа сте ги покосиле и сите брчки
што ми ги довериле луѓето
но вие заборавивте дека го оставате мојот корен
и дека мојата смисла, всушност, само што не започнала

Ќе се вратите пак кога ќе помислите дека е свршено со мене
Мојата жолта старост ќе ја купите за една обична дневница
Но луто ќе се излажете што го оставате мојот корен
зашто вашите брчки пак ќе ги лечите со мене.

Кога ќе легнете крај мене
вие ќе имате стрпливост
да чуете се што сте и повериле на мојата невиност,
А до тогај нека ве хранат дневниците
од нашето продадено пријателство.

Напишете коментар