Skip to content

Мисли помеѓу чекорите

Чекореше по влажна улица. Погледот ѝ беше занесен некаде во далечините. Ни самата не знаеше точно што гледа. Премногу беше опседната со сопствените мисли, механички се движеше со бавни чекори. Изгледаше како да е нејзино целото време на светот. Не се грижеше дали ќе задоцни, дали некој некаде ја чека. Не ѝ беше грижа дали ќе ѝ се наводенат светлите пантолони. Ништо наоколу не беше важно, освен нејзините мисли.

„Мислите те водат, те огорчуваат, загрижуваат или расположуваат“, си мислеше. Сѐ зависи како ги насочуваш и на што ќе се сконцентираш. Таа ова многу добро го знаеше. Знаеше и дека одамна некој веќе не ѝ поминувал толку долго во мисли. Барем не толку често за да ѝ го пореметува мисловниот тек. Не се грижеше тој некој каде е и што прави. Сеедно ѝ беше дали ја мисли некогаш. Дали би посакал да ѝ чуе глас, да ја види.

Се откажа од потрагата по човекот кој ќе застане до неа. Всушност, никогаш не трагаше по таков човек. Барем не со план, намера или упадливост. Ненаметливо знаеше да се пикне под кожа, без да биде свесна за истото. Можеби тоа беше во нејзиниот поглед, можда во нешто друго. Оваа девојка оставаше силен впечаток. Не можеше да не биде забележана. Не можеше да се игнорира нејзината појава, колку и да го мразеше таа истото.

Некогаш посакуваше да биде невдилива, да не се лепат за нејзе туѓите љубопитни погледи. Ништо околу ова прашање не можеше да направи. Не ѝ беше важно ниту тоа. Се навикна на љубопитните очи кои некогаш знаеја долго да се задржат во неа. Ги игнорираше, не ѝ сметаа повеќе, не им обрнуваше никакво внимание. Несомнено е дека таа не сакаше долго да зјапа во некого, па затоа и ѝ беше непријатно кога е мета на туѓи погледи. Бидејќи навистина имаа што да видат.

Просечна девојка од маало која си е доволна на себеси. Која не е нималку загрижена за туѓото мислење, а уште помалку за коментарите наоколу. Не ја знаеше нивната тема, но постоеја. Како што во секој мал град секој за соседот знае повеќе отколку за себе, така многумина мислеа дека ја познаваат. Вистината е дека никој не ја познаваше толку добро колку што се чинеше. Во текот на животот некогаш ниту самите не се познаваме колку што мислиме.

Познавајќи се себеси во доволна мера, знаеше дека тој некој човек е околу неа. Можеше да го предосети неговото доаѓање. Беше некаде блиску. Во универзумот ѝ испраќаше безвучни и невидливи пораки. Тие велеа: “Биди храбра, постои некој што ќе биде тука за тебе. Некој што ќе ти биде најголема поддршка и нема да се откаже од вас никогаш. Ќе ти го чува грбот и нема да дозволи никој да го уништи она што ќе го имате“. Оваа мисла ѝ влеваше некоја чудна утеха. Утеха која не ја ни бараше, но се провејуваше низ деновите.

Надежно и оптимистично звучеа сите нејзините мисли поврзани со иднината. Во неа можеше да се види во сите варијанти. Најчесто беа позитивни сценарија, но очекуваше и дека во секое време кулата од песок може да го растури штотуку изградениот замок. Сѐ додека се имаше себе, си беше доволна. Ова сознание ѝ даваше мир. Себеси да си бидеш најголема поддршка, пријател, гуру, советник, поткрепа, значеше премногу. Повеќе и од доволно.

Напишете коментар