Skip to content

Интерпункција на градината – Емилија Тодорова

  • by

Паѓам во розите
како тежок извичник – можеби трн
би рекла неочекувано
небото изгледа повисоко оттука
му кинам парче и го ставам
несмасно меѓу загради
за да се дообјаснам
навистина треба да го забавам дишењето
еден-два
три точки
еден-два
три точки

тревите деликатно ми ја цицаат силата
додека по џебовите барам запирка да ги одвојам
ме свиткуваат во прашалник
што да се прави кога
има толку многу што не знам

Градините ги јадат своите деца
рече мајка ми еднаш
наведната над леата со кромид
ја беше затурила точката некаде
и гласот остана да ѝ виси под брадата

Се думам дали ми е време да се исправам
а веќе од дланките ми никнуваат зборови
за кои немам соодветни знаци

Подобро да почекам
да ме проголта песнава

 

Песната е извадок од нејзината стихозбирка „Гравитација”.

 

Eмилија Тодорова e родена во Скопје, a од 1989 г. живее во Сиднеј, Австралија. Со новинарско и креативно пишување се занимавала уште пред заминувањето од земјатa. Неколку години соработувала со „Студентски збор“, “Активус” и Третата програма на Радио Скопје, за која, покрај авторските текстови, преведувала и од англиски, српски и хрватски. Учествувала на поголем број поетски манифестации во Македонија и Југославија, меѓу кои и „Млада Струга“, „Мајски поетски средби“ (добитник на две први и една трета награда), „Горданино пролеќе“ (избрана во десетте најдобри млади поети на Југославија), „Бранково коло“ (втора награда на конкурсот за циклус песни) и т.н.

Добитник е и на награди за творештво на македонски јазик во Австралија и на англиски јазик во Австралија и САД. Објавувала песни во периодика, а застапена е и во неколку антологии на поезија на иселеници од Македонија. За исклучителни достигнувања во својата кариера добитник е на повеќе признанија, меѓу кои и Орден за општествени заслуги и Златен медал за унапредување на мултикултурните односи во Австралија.

Преведува од/на англиски, бугарски и српски јазик.

Напишете коментар