Skip to content

Миле Ѓорѓијоски – Афоризми

Денот без насмевка не е целосно искористен ден. Покрај инспирирањето ние постоиме и за да ве насмееме. Следува блок од афоризми од македонскиот афористичар Миле Ѓорѓијоски. Уживајте во читањето, ние сме сигурни дека ќе ви измамат насмевка на лицето.

1. Нема оригинални маски. Сите се копии на нечие лице.

2. Народот е сомнителен. Во никого не се сомнева.

3. Учам како да се правам луд. И јас сакам да живеам како нормален човек.

4. Не пасеме сите трева! Некои пушат.

5. Сон на секој стап – да стане диригентска палка.

6. Не носат лудачки кошули. Не е по протокол.

7. Едни лаат, други касаат, а трети – живеат кучешки.

8. Ме мачат кошмарни соништа. Сонувам подобро утре.

9. Робовите биле среќни луѓе. Тогаш немало текстилни фабрики.

10. За оние што го јаваат народот, самарот е последен збор на техниката.

11. Оние што успеваат со лижење на задникот, уста не отвораат.

12. Денес го потрошив и последното дрво. Од утре сум во студена војна со времето.

13. Цел живот одам по козји патеки. Па, каде се тие друштва за заштита на животните?

14. Чувајте си ја плунката. Ќе останете со празна уста.

15. Нѐ пренесоа жедни преку вода. Сега сме како помочани.

16. Парадокс: воздухот најмногу го загадуваат, оние што дишаат на шкрги.

17. И јас останав без своите корени. За сѐ е виновен мојот матичен заболекар.

18. И крадците се неинформирани. Вчера некој ми го разбил станот.

19. Ги подмладивме кадрите. Сега работиме само за памперси.

20. Ги измешаа торбите. Сега не знаат кај им се главите.

21. Прават нешто и за наша душа. Се спремаат да ни пишуваат – некролози.

22. Достојно потона во своите мисли. Не повика помош.

23. Не оставаат траги. Го користат народот како маша.

24. Внимаваат на идентитетот. И кога молчат – молчат на мајчин јазик.

25. Оние што немаат душа, се во предност. Можат постојано да ја продаваат.

26. Знаат колку е часот. Постојано го навиваат народот.

27. Не оставија ништо написмено. Нѐ продадоа на чесен збор.

28. Си го проширија хоризонтот. Не оставија камен на камен.

29. Ласкајќи ни дека сме на добар пат, цел живот нѐ влечеа за нос.

30. Знаат каде сме најтенки. Нѐ издадоа дупките на ремените.

31. Доцна ни се насмеа среќата. Веќе станавме сериозен народ.

32. Нашето време доаѓа. Велат, имало живот и после смртта.

33. Претераа со подмладување на кадрите. Се чувствува во воздухот.

34. Се свртевме кон иднината. Живееме од денес, до утре.

35. Оние што пет пари не вредат, најскапо се продаваат.

36. Сите ја бараат подобрата иднина. Тешко на оние што ќе ја најдат.

37. Парадокс: оној што нема морал, има најмногу морални победи.

38. Се затворивме во себе. Не ги отвораме веќе ни фрижидерите.

39. Оние што работат против народот никогаш нема да останат без работа.

40. Знаат дека еден ден правдата ќе победи, затоа не дозволуваат да ни се раздени.

41. Секаде во светот плашилата личат на луѓе, само кај нас луѓето личат на плашила.

42. За оние што го јаваат народот, сите патишта се прави.

43. Го злоупотребивме правото на грешка. Не учиме на грешките.

44. Оние што ни газат по главите, не оставаат траги зад себе.

45. Не ми смета улица со моето име. Се навикнав сите да ме газат.

46. Нашиот шеф не е расист, не му пречи што работиме како црнци.

47. Да внимаваа на лицето, немаше да си го даваат газот под кирија.

48. Не се сите песимисти. Некои веруваат дека има живот – по смртта.

49. На оние што ни ја вадат душата, секој ден им е празник на душата.

50. Не е вистина дека мислат само на себе. Си ги обезбедија и правнуците.

51. Кога срцето е во петици, удирањето в гради одекнува во празно.

Прочитатје ги и палавите афоризмичиња посветени на најмалите од истиот автор.

Напишете коментар