Skip to content

Легенди за мостот Елен Скок

Мостот Елен скок, изграден е на Мала Река, наспроти селото Могорче, шестотини метри од месноста Бошков Мост на регионалниот пат Гостивар-Дебар. Тој со невообичаена градба, архитектура, материјалот со кој е граден и поставеноста во просторот го плени вниманието на посетителите. Многумина специјално го посетуваат и му се воодушевуваат на мостот Елен скок како и на волшебната убавина на природата.

Прва легенда

Според првата легенда, мостот е изграден во знак на сеќавање на момчето кое за да ја одбрани честа на својата девојка убил еден турски бег. По настанот, Турците пратиле силен аскер за да го фатат. Гонет од аскерот момчето бегало и стасало до надојдената Мала Река. Во тој момент на очај и безизлез за момчето, од шумата се појавиле самовили и го претвориле во прекрасен елен, кој без проблем ја прескокнал реката. Подоцна, во знак на сеќавање на настанот, но и како благодарност до самовилите, селаните го изградиле мостот.

Втора легенда

Другата легенда раскажува за бегот кој со својата војска се обидувал да улови еден елен којшто постојано им бегал и никако не допуштал да му се приближат. Иако бил ранет, еленот не им се предавал ни во оној момент кога бегството речиси било невозможно. Кога се нашол на брегот на Мала Река, не двоумејќи се, скокнал на другиот крај на реката и таму починал. Восхитен од неговата храброст и упорност да достои до крај, не предавајќи му се на непријателот, бегот наредил во негова чест да се изгради мост, што ќе го симболизира тој судбоносен скок на еленот.

Трета легенда

Од жителите на село Могорче, раскажана е легендата за изградбата на мостот Елен скок, пренесувана од колено на колено од нивните предци.

Мостот бил изграден пред 3-4 века во спомен на загинувањето на еден волшебен и прекрасен елен. На планината Стогово, во непосредна близина на селото Могорче, ловџија од селото одејќи на лов пресретнал елен. Ја подигнал пушката за да пука. Но, кога еленот го погледал, сфатил дека еленот со топлиот поглед и ставот како да го моли да не пука, да не го убива. Ловџијата бил маѓепсан, ја спуштил пушката, се доближил до еленот и почнал да го гали, а тој со главата го гушкал и го изразил своето пријателство.

Така ловџијата и еленот се спријателиле и секој ден се дружеле. За средбите со еленот ловџијата им раскажал на селаните. Тие едно утро се упатиле да го бараат. Го сретнале и се обиделе да го фатат. Но, еленот почнал да бега и за да не стане плен на непознатите, се обидел да ја прескокне реката. Но, не успеал во тоа. Скокот бил за неколку педи пократок и ги скршил предните нозе. Во спомен на храброста и убавината на еленот, селаните на Могорче, кои биле прочуени мајстори, го соѕидале овој мост со невообичаена градба и архитектура.

Можеби ќе сакате да ја прочитате и легендата за настанокот на сонцето.

Напишете коментар