Skip to content

Можевме многу – Маринела Апостоловска

  • by

А секогаш те сакав…
Не знам зошто.
Те сакав и тогаш кога доцнеше со часови и тогаш кога стигнуваше пред време, само за да не чекам јас, туку ти.
Секогаш те сакав.
Те сакав и тогаш кога утрото ме будеше наместо тебе и тогаш кога птиците ми пееја песна наместо тебе…
Не знам зошто, а не би можела ни да знам…
Сѐ уште сум некако ослепена од светлината која ми влезе во животот заедно со тебе.
Сѐ уште некако ме боли душата затоа што не успеавме, а можевме многу.
Можевме сѐ.
Можевме да се држиме за рака додека сите беа против нас.
Да се држиме за рака додека светот ни го врти грбот и нѐ турка во бездна од која нема враќање…

Можевме многу.
Можевме и да пееме додека времето плачеше, а можевме и да плачеме заедно со него…
Можевме многу.
Можевме и да му се радуваме на изгрејсонцето затоа што со себе носи нов ден, во кој можеме многу, во кој, можеме сѐ.
Ден во кој можеме повторно да се вљубиме еден во друг, лудо, како на почетокот
Можевме и да ја претвориме студената ноќ во топол ден, ако е потребно.
Можевме сѐ.
Можевме многу.
Можевме, да не ми го искинеше парчето срце кое ти припаѓаше и да не го фрлеше длабоко во душата да тагува…
Ќе успеевме.
Немаше секогаш доцна во ноќта кога сонот ќе ме разбудеше и веќе ме имаше убедено дека ќе ми се вратиш, да го проколнувам денот кога дојде…
Можевме многу.
Можевме сѐ.

Маринела Апостоловска

Напишете коментар