Skip to content

Гледач во пепелта – Ацо Шопов

Изгасни песно во огнот што го запали сама.
Прска зборот и исчезнува во пепел од кремен.
Гледачу во пепелта, ја препозна ли во неа
исконската драма
што доаѓа од дното на овој извор темен.
Песно, те откинав од клунот на птица во крвта
што ми лета,
од црвеното небо на запалените вени,
од тие далноводи на два непомирливи света,
тие изгрејсонца со неодгатнати мени.

Те откинав од гневот на иконите, тие неразбирливи гами,
од громот врз копјето на воинот со камен што е сраснат,
од сонот на тие повисоки што се од сонот што ги мами,
и што се раѓаат пак откако еднаш згаснат.

Сега сме два света, два врага, две завојувани страни,
сега сме војна без излез и кама против кама.
Кој е победен? Кој е победник? Кој е изгрев на
осмислени рани?
Изгасни песно во огнот што го запали сама.

Напишете коментар