Skip to content

Kолку ли треба за сон да стане пепел? – Марија Д.

  • by

Неколку минути пред полноќ болничката соба ја облеа морничава тишина. Месечината како да знаеше дека баш таа ноќ ми требаше подадена рака. Безусловно се спушти до прозорот да ми даде до знаење дека е тука да ми ја осветли оваа мрачнина. Неопислив немир ми пројде по телото, каков што само дим од цигара можеше да го смири. Се искрадов тивко, неприметливо проаѓајќи покрај сестринската соба и излегов во болничкиот двор.
“Конечно воздух.” Прошепотив. Парадоксот беше во тоа што ова секогаш го изговарав секунди пред да повлечам дим од штотуку запалената цигара.

‘Kолку ли треба за сон да стане пепел?’ Си помислив.

Ми потече една солза, а низ замаглениот поглед како да се спушти црвен кариран чаршаф на една огромна зелена ливада. На него плетената корпа од мајка ти, со јагоди, шампањ и две пластични чаши. Знаеше дека ги мразам таквите чаши, но беше упорен дека баш тие се погодни за пикник.
Седев замижана од сонцето, додека ти ја свиркаше Севилскиот бербер и ми правеше минијатурно букетче од белите маргаритки. Контрајќи се со сонцето, го подотворив едното око, смешкајќи се додека те гледав.

Одеднаш се вратив во реалноста. “Ах, овој проклет германски воздух! Колку ли знае да ми го стегне грлото и да ме остави без здив.” Изустив и се закашлав од скоро изгорениот филтер на цигарата.

Повторно запатував низ времето. Но овојпат наместо во неостварениот сон од иднината, се вратив во тој дел кога немаше соништа.Тогаш кога чувствата ја изгубија битката и  кога душата беше уморна од сите удари што ѝ ги зададе судбината. Одеднаш како да се слушна сирена кај што пишти и некој далечен глас кај што вика: Притиснете го копчето, копчето! Само тоа е спасот да не ја изгубиме повторно душата во неостварените соништа. Хмм, зарем постоело такво копче? Првпат слушам…

Почна да ми студи и повторно крајдејќи се, се вратив во собата.

“Касно е веќе, поминало полноќ.” Повторно промрморeв. Легнав да спијам и како повторно да се појави светлина пред мене. Тргнав кон неа. На крајот почнав да слушам гласови. Познати и непознати, како се смејат и нешто нејасно зборуваат. Одеднаш сите  замолчеа и наеднаш ги кренаа чашите да наздрават.

‘Еј, чекај! Ги знам јас нив.’ Си помислив. Тоа беа сите мои сакани. Секој на некој начин дел од мојата душа. Мајка ми. Татко ми. Ти… Сите наши сакани. ‘За што наздравуваат? Зошто никој не ме гледа и не ме слуша?’ Пробав да се доближам уште повеќе. Само една личност ме примети. Баба ми. Но како да ми имаше свртено грб, лута беше. “Ни свеќа не дојде да ми запалиш.” Промрморе и наеднаш како гром да удри пред мене и ме врати во болничкиот кревет, немоќна ни прст да помрднам и како црн облак да натежна над мене.

Се разбудив во солзи. Не поминале ни 15 минути откако последен пат го погледнав часовникот.
‘Колку  само малку фали за сите соништа како гром да се распукаат…’ Си помислив и силно ги затворив очите во обид повторно да заспијам и да заборавам на сѐ.

Марија Д.

Напишете коментар