Skip to content

Ако ти не ми простиш – Лина Димоска

На тебе помислувам доцна на вечер.
Во глуво доба.
Штом сон ми дојде на очи
за око да склопам да не можам.
Ако мене си ми ти нешто,
тогаш си ми немир.
Со тебе мир немам.
Без тебе мир немам.
А за душава моја
не постои поголем спокој од тебе.
Од длабочината на твоите очи.
Од твојот матен глас.
И што ми вредат мене сите мои стихови,
сите ноќи непреспиени,
секој копнеж по тебе,
ако веќе гласот не ти го слушнам?
Ако не слушнам како името ми го изговараш?
Што вреди и да заспијам,
па дури и ти на сон да ми дојдеш,
ако на јаве не те допрам?
Ако не те помирисам?
Ако не потонам во нежноста на кожата твоја?
Што ми вреди мене гордоста,
ако тебе не те израдувам?
Ако насмевка на усни не ти измамам?
Ако не се изгубам гледајќи те како се смееш?
Што вредат сите ѕвезди на небово
и најубавиот поглед кон градот,
ако не ги погледнам дури те држам за рака?
Ако не видам со каков восхит гледаш во нив?
Што ми вреди мене каењето?
Што вреди и сто пати кажаното извини
и долгите објаснувања,
ако ти не ми простиш?
Што вреди?

Напишете коментар