Skip to content

Ана – Јован Котески

Тогаш ги чешлаше косите и којзнае за кого мислеше
додека ја гледаше бледата сенка на мајка ми
што за три оки брашно клечеше пред нозете на твојот татко.
Јужните ветрови донесоа пролетни води и за нас, Ана
ние го знаеме твоето име и се заљубуваме оти ти
имаш и земја и везени чорапи и широки рамења, Ана
којзнае на кого мислеше додека ги чешлаше косите.
Ќе ја доживеам уште оваа пролет со топол здив
дојден пред твојата кошара што се распаѓа на ветрови
и ќе се молам на земјата како на голема икона
не за твоето здравје, не за твоите широки рамења,
Ана
овој ден ќе го запишам со името на сите гладни луѓе
и ќе те отерам преку три зашумени планини, Ана
да ти биде проклето името запишано со три обични букви
пред кои се нишаше бледата сенка на мајка ми
дојдена по три оки брашно, за обичен леб, Ана.

 

Напишете коментар