Skip to content

Е таква жена да си најдеш

Да си најдеш жена ко сонце,
ликот нејзин да те огрева,
насмевката нејзина да ти ја топли душата,
мирисот нејзин да ти ги буди демоните,
кожата нејзина да те разнежнува,
а во умот хаос да ти направи.
Нит’ да се води, нит’ да се тера,
ама тебе со неа пак најубаво да ти биде.

Да си најдеш жена
што од куќата ќе ти направи дом,
со неа да ти биде секогаш топличко,
сигирно, убаво,
што ќе знае сарми да ти завитка,
кафе со локум да ти направи,
ама и да те разнесе, од ум да те извади,
дива ѕверка да ти биде,
ама таква да е само со тебе.
Само така ќе знаеш дека секогаш ќe е твоја.

Да си најдеш жена, што и кога ќе е бесна на тебе
и кога искри од очи ќе и излегуваат,
пак во погледот само љубов кон тебе ќе ѝ сретнеш.
Штом на градите нејзини ќе се потпреш,
само мир ќе најдеш.
Некоја што после кавга нема да сака да ти се одмазди,
туку пак в прегратки ќе ти скокне,
ќе се стутка во тебе, ќе те милува.

Да си најдеш жена што сака децата
да ѝ ги носат очите твои,
бојата на косата твоја,
длабочината на твојот глас.
И ако слушнеш дека штом направат беља
им вели дека исти ко татко им се,
таа и мааните ти ги сака,
ко полудена те сака тебе.

Да си најдеш жена што за себе ќе те окова,
не оти таа е опсесивна,
туку оти ти ќе сакаш за неа да се оковаш.
Да си најдеш жена што ќе ти угоди,
не оти ќе ти биде покорна,
туку оти тебе ќе сака убаво да ти биде.
Да си најдеш жена совршена за тебе,
скроена по твоја мерка.
Не некоја што ќе ја сакаат другите.
Некоја што ти ќе ја сакаш.
Е таква жена да си најдеш.

Напишете коментар