Skip to content

Спомен – Јелена Ѓиноска

  • by

18.6.2021
Мислам дека ги чув ангелите како пеат добро позната стара песна.
Онаа нашата.
Онаа која будеше секој вид на емоција.
Таа беше онаа песна на која можеш секогаш да се вратиш.
И во добро и во зло.
Онаа за која кршиш срце исто како чаша
на ситни парчиња како да е од стакло,
потсетувајќи се на сите луѓе кои не се помеѓу нас, а би требало.
На целата болка и носталгија.

Онаа на која чашите чукаат една од друга
со луѓе добро познати кои љубов зрачат и ги славиш.
И нив, и нивните постигнувања и животот.
Среќен си, те облева пријатна емоција
и секоја пора издишува љубов и благодарност.

Ја слушам таа мелодија и не знам дали ангелите ми пеат
за да ме потсетат на нивното постоење
и онаа нишка која уште нѐ врзува
или мојата потсвест вешто си поигрува со моите емоции.

Само знам те љубев и губев низ времето,
за на крај да научам дека живееш секогаш длабоко во мене.
Како неискорнет дел.

Твојата крв тече низ моите вени како љубовна доза.
Твојот спомен во срцето како споменик за да гледам напред,
давајќи ми храброст и гордост.
Твоите зборови и лекции вечно всадени во мојот ум,
како насликана мапа за иднина.

И денес ги слушам твоите зборови
како излегуваат од моите усни,
твојот нагласок и твојот ритам.

И денес ги гледам работите од перспектива
на која ти си ме научила вешто, ден по ден.
И кога те нема ти живееш повеќе од било кога.

Твојата смрт не беше крајот.
Тоа беше крај на едно поглавје.
И нека ми простат сите што веќе ги немам.
Вечна болка останала.

Но сите ние имаме еден човек,
еден единствен кој живот ни значел.
И длабоко во себе имаме повеќе спомени,
повеќе длабоки гробови во душата
и неколку ангели кои лебдат над нас.

А јас длабоко кога ќе потонам
те гледам во прегратката на дедо
како танцуваш низ небото.
Вечно млада и среќна.
Љубов од твоите очи излегува како безброј искри.
Убава како и секогаш, со грациозни движења
ми покажуваш што значи да се биде Дама.

И секој секогаш ќе има некој кој веќе го нема,
а ќе живее вечно во нас…

Засекогаш.
Со секое срце биење слушајте како Ви кажуваат
дека Ве сакаат и се секогаш тука за вас!
Споменот нека биде вечен.
А недостигот надополните го со љубов,
чиста љубов дури и кон невидливото.

Јелена Ѓиноска

Напишете коментар