Skip to content

Клара – Анастасија Лефкоска

Пред десетина години имав кученце. Се викаше Клара. Беше мало загарче со големи уши и светкави чоколадни очи. Многу ја засакав, а и таа мене, толку што имаше навика да ми ја зема патиката од пред врата и да ја носи во малата куќарка само за да излезам и да ја земам. Беше тоа една чиста љубов каква што може да постои само помеѓу дете и животно. По некое време Клара се разболе. Ниту еден ветеринар, ниту еден лек не можеше да помогне.  Беше уште малечка, уште споро разиграна, уште тивко среќна кога ќе ме здогледаше низ оградата како се враќам од училиште. Душата ме болеше секогаш кога ќе ја здогледав како едвај се доближува до мене, ја земав в раце, ја гушкав и така го поминувавме времето преостанато.

Еден  ден кога се вратив од училиште, Клара ја немаше. “Умре.” Рече баба ми, “Ама до последно се криеше. Не сакаше да ја видиме. Еии што ти е душиче.” Тогаш за првпат ми се скрши срцето, плачев за кученцето и за времето што ни беше одземено. Ја исплакав Клара, ама и ден денес, кога ќе се присетам, нешто во градиве ме притиска. Сега го имам Мали, го имам и Фокс и сите останати, мешавина на она што некој би го нарекол миленичиња, а јас членови на фамилијата. И тие, ко и Клара – штом почувствуваат некоја болка бегаат да ја преболуваат во тишина, без разлика на лековите, без разлика на љубовта што ги чека дома.

Чудно, нели? Се прашувам….Од моментот кога ми текна на Клара, се прашувам дали и ние луѓето, ко животните што бегаат пред умирање, во нас, дневно –  зад насмевка и глупи муабети ја криеме тивката смрт на малите делчиња што умираат од премногу фарси, мизерија и несреќа?

Напишете коментар