Skip to content

Ракоплескање во знак на благодарност (кратка поучна приказна)

Откако музичката уметница по завршетокот на својот успешен настап беше испратена со бурно ракоплескање, ја напушти сцената. На сцената со брзи чекори излегоа тројца мажи. На нивното брзо доаѓање се одѕва еднаквото брзо аплаудирање на присутните. За еден миг се прошири пригушена и збунета смеа.

Имено, тројцата мажи биле помошни работници чијашто работа била колку побрзо и незабележително да ја подготват сцената за следната точка во програмата. Тие биле навикнати на такви забуни, па со насмевка на лицето ја извршувале својата работа. Притоа, публиката со благо чувство на нелагодност, во тишина го исчекувала продолжението на програмата. Но за нелагодноста нема причина. Бидејќи и тие тројца заслужуваат ракоплескање. И нивната работа е достојна за почитување.

Незгодата се состои во тоа што кон некои воспоставени обичаи, ракоплескањето им припаѓа на уметниците и спортистите. И на политичарите во одредени прилики. Но, аплаудирањето може да биде исказ на препознавање вистински вредности, но може да биде и превртливо, нетемелно и немилосрдно. Многумина извршуваат работи за кои не добиваат ракоплескање. Тие работни позиции, многу често се и подалеку од очите на јавноста, ги обвива некоја тишина.

Тие можат да се извршуваат и со сериозност и со ведрина, но во секој случај, му припаѓаат на некој друг свет. Ретко кога некоја медицинска сестра или лаборантка доживеала аплауз. Ретко кога некој ноќен чувар, пожарникар, дрвосечач, чистач на улици  или некоја кројачка добиле аплауз. Но тоа не треба да биде причина за тага.

Бидејќи отсутноста на аплаузот не ја смалува вредноста на работата ниту достоинството на оној што ја извршува. Освен тоа, покрај ракоплескање со раце, постои и ракоплескање со срце. Многу, кои никогаш немале пригода да слушнат аплауз со рака упатен кон нив, и те како имале можност да искусат аплауз со срце. И тој е вистинско оправдување на човекот. На животот.

Па ако и после цел живот, проживен во предадена зафатеност за своите најблиски, во посветено служење и на познати и непознати, изостанува аплауз со срце, ни тоа не е трагично. Колку и да звучи болно и несфатливо. Бидејќи срцето знае, секогаш знае, за кого живеело. А и тоа е своевиден аплауз. Ракоплескање во знак на благодарност.

Стејпан Л.

Напишете коментар