Skip to content

Афоризми од Миле Ѓорѓијоски

  • by

Во продолжение прочитајте ги најновите афоризми од македонскиот афористичар Миле Ѓорѓијоски. За шегата рекле дека е половина вистина, а афоризмите се доказ дека вистината може да биде претставена на хумористичен начин. Уживајте!

1. Некогаш јадевме, а сега се јадеме трипати на ден.

2. Мојата плата не е никакво чудо. Не трае ни три дена.

3. Велат, секој трет Македонец гладува. Значи кај нас дома, сите сме трети.

4. Ни рекоа, еден ден ќе биде подобро. Останатите 364, сами ќе се снаоѓаме.

5. И за нас Македонците, времето е пари. Од ден, на ден, сме сѐ посиромашни.

6. Играм лото, спортска, се обложувам… Не чекам ништо да ми падне од небо.

7. Велат, секој трет Македонец гладува. Ете така се прави костурот на државата.

8. Денес пак ќе јадам одбрана храна. Некој пред мене го пребарал контејнерот.

9. Не глумат сите Македонци дека живеат. Некои навистина живеат.

10. Ние Македонците сме сериозни луѓе. Не ни е ни до песна, ни до смеа.

11. Некогаш во Македонија богато се живеело. Велат, ги пречекувале гостите со леб и сол.

12. Внимаваат на дискрецијата на гладниот народ. Почнаа да поставуваат подземни контејнери.

13. И во Македонија кога се јаде, не се зборува. Некаде повеќе пати дневно, некаде еднаш неделно.

14. Традиционален новогодишен македонски концерт – кркорење на цревата пред празна трпеза.

15. Толку многу закрпи на гаќите, може да има народ што го водат, оние што мислат само на својот задник.

16. Тоа што немам што да вечерам не ми пречи на терапијата. Докторот рече да ги земам таблетите на гладно.

17. Не живееме како во камено доба – тогаш немало контејнери.

18. Знам како е да се јаде трипати на ден – ми кажуваше дедо ми.

19. И гладните кокошки не се исти. Сите не сонуваат исто просо.

20. Не губете го тлото под нозете. Животот ви виси на конец.

21. Најмногу голи и боси има меѓу оние што ја кажуваат голата вистина.

22. Нема веќе човекојадци. Сите преминаа на здрава храна.

23. Не се храниме здраво. Постојано си ги голтаме мрсните псовки.

24. Голите се во предност. Никој не може да ги удри по џебот.

25. Итно се бараат двајца жиранти. Време е за паричката во бадниковото лепче.

26. Чувствувам, дека ме напушта фантазијата. Веќе два дена ништо не сум јадел.

27. Контејнерите се подобри од народните кујни. Работат нонстоп.

28. Ако не беа сметките, трошоците за храна и облека, и јас со мојата плата ќе живеев пристојно.

29. Некогаш за Нова Година од ресторан – до ресторан. Денес од контејнер – до контејнер.

30. Некогаш со една плата одвај го истерувавме месецот, а сега – годината.

31. Од денеска и кај нас дома некој ќе почне да работи. Ми останаа пари да купам батерии за ѕидниот часовник.

32. За разлика од ситите, гладните имаат кратко паметење. Не се сеќаваат кога последен пат јаделе.

Прочитајте ги и спортските афоризми од истиот автор.

Напишете коментар