Skip to content

Ноќна птица

Секоја ноќ, околу полноќ се туткам меѓу моите шарени чаршави со мирис на лаванда. Не знам зошто, но белата постелнина не ја сакам. Сакам креветот во кој спијам да е шарен. Обоен со боите на универзумот. Ставам слушалки во ушите и неколку минути се препуштам на музичките ноти. Не, не слушам музика за релаксација или за сладок сон. Слушам хитови од минатото. Рок музика што ми помага да се изгубам во просторот и времето. Ниту една музика за релаксација и смирување мисли не ме опушта така како рок-ен-ролот.

По некое време само се измолкнувам од под ќебето. Ги вадам слушалките од ушите и го отворам прозорецот. Од надвор допираат само звуците на штурците и зуењето на комарците кои се обидуваат да се продрат низ мрежата и да ми ја испијаат крвта. Се враќам назад. Главата ја потпирам  на мојата мека перница. Не сакам тврди перници. Сакам перницата да е мека како облак. Што знам, барем мислам дека облаците се меки. Така ми изгледаат. Собата ја осветлува светлината што допира од надвор. Јас чекам. Кај да е треба да започне.

По некое време почнува. Некоја птица секоја летна ноќ ми ја разубавува со своите песни. Пее толку убаво. Црцори толку прекрасно. Нема збор, ниту метафора со која што можам да ја опишам убавината на мелодијата на оваа ноќна птица. Не знам каква птица е. Еден од соседите вели дека е див буљбуљ. Дург вели дека е славеј. Никој друг не знае колку ја сакам песната на оваа птица освен ти. Само се молам мачките да не ја изеда.

Нека пее барем уште ова лето. Особено сакам да ја слушам во врнежлива летна ноќ. Шумот на дождот и песната на птицата се најсовршено нешто на светот. Признавам, после тебе. Паметот од перницата ми се сели кај тебе. Дали таму, кај тебе, има птици во чија песна уживаш доцна во ноќта? Посакувам да си тука, до мене. Колку и да е жешко, посакувам главата, наместо на перница, да си ја потрпрам на рамената твои.

Мокри. Испотени. Дури и со мирис на пот. „Тргни се од мене, испотен сум.“ Да ме прекоруваш. Ама ако. Мене и твојата пот би ми годела. Посакувам барем еднаш, заедно, токму овде, на мојот кревет да ја слушаме песната на птицата. Голи. Испотени. Откако цела вечер сме воделе љубов. Да ти заспијам потпрена на рамена. Или на гради. Да заспијам на тебе потпрена.

Какво чудо си? Зошто си олку силен опијум на кој не можам да престанам да мислам? Мене никогаш не ми е доста од тебе. Ништо твое не ми е доволно. Сонот полека ми натежнува на очните капаци. В мисли ја кажувам молитвата што секоја ноќ ја кажувам повеќе од десет години. Последниве неколку месеци се молам и ти да си добро.

Само да си добар и среќен. Ги затворам очите и заспивам. Утрината ме буди косилката за трева на истите оние соседи кои се расправаат дали птицата е див буљбуљ или славеј. Зошто некој има потреба да коси трева олку рано? Прво нешто што ми паѓа на памет си ти. Ме мислиш ли и ти мене? Ме мислиш ли?

Напишете коментар