Skip to content

Длабока Нирвана – Јелена Ѓиноска

  • by

Прободе како нож
Секоја емоција и секој збор
И последната капка крв се слеа врз мократа почва
Дур духот излегуваше и си поигруваше со она што душа се вика
Спомени се навраќаа како молњи испратени од небото како повик за освестување
Дур приказни се редеа сакав да се завртам да го погледнам за последен пат
Чудовиштето што ме чека секогаш
Но знаев ќе видам познато лице
А сепак најголемиот страв ми беше да не си го видам своето
Она покорното
Она лице сокриено од сите па дури и од тебе

Вешто се криев зад секоја грмушка и се миев од секој поток на кој ќе наидев
Вешто бегав дури уживав
Вешто ги бирав маските со кои ќе се сокријам
Да не ме видат
Да не ме препознаат
Да не го видат ова покорно лице на емоцијата
Кое ме убива и прави силна истовремено
Кое ме гуши и воздивнува во секој миг
Кое не ме пушта..
Ме држи како сидро закована за брегот кој ги памти нашите сказни
А јас сакав само да летам
Да се вивнам до небото и да ме нема
Да не се сеќавам
Да не помнам
А сепак сите ние си ги бираме камењата што на грб ги носиме
Како вечни скитници копнеејќи кон натовареност
Копнееме по онаа мала душа која ќе заигра со нашата во исти ритам

Ќе ги гледа сите наши лица и подеднакво ќе ги сака
Ќе ги љуби сите наши рани неоставајќи да се создадат нови
Ќе нѐ гледа со очи полни љубов и страст
Бегајќи некаде по патот, застанувајќи на секој ќош…со вистински и погрешни луѓе
Во целиот метеж од души и демони
Мечтаеме за запаленото светло во малата колиба некаде изгубена во мрачната шума
Со човек кој нѐ чека само нас со раширени раце и срце полно топлина
Со чисти мисли
И вистински постапки
За душата да ни се одмори
За да вдахнеме мир
А срцето да заигра
Со последен бакнеж како во приказните да се родиме во нова нирвана
Онаа нашата

Јелена Ѓиноска

Напишете коментар