Skip to content

Жената што се појавува само еднаш во животот

Ѕвездите им го осветлуваа патот. Под ноќната игра на трепкавите диско-небесни топки тие двајца постоеја под истото небо. Што дека само постоеја, кога требаше да бидат еден до друг? Ако некој во тој миг, ден и час беше на погрешно место, сигурно дека тоа беа тие двајца. Се прашувам дали им беше сеедно за овој факт? Не беше важно најпосле. Карла одлучувачки и решително знаеше дека нема да се бори. Колку и да звучеше губитнички, се беше договорила со себе дека за тој што вистински ја заслужува не треба да се бори.

Не беше љубоморна дури и кога се обидуваа да ја направат. Веднаш препознаваше кога некој нешто прави намерно. Како да имаше вградено детектор за препознавање лаги, лажни и неискрени намери. И покрај тоа се обидуваше да им верува на луѓето. Знаеше дека секогаш ќе има поубави и попривлчени од неа, ништо ново, ништо непознато. Но факт е дека Клара беше една. Немаше нејзина копија колку и да се обидуваа другите да бидат бледи копии. Не им успеваше, зошто девојка како неа се раѓаше еднаш во сто години.

Нема да ви ја опишам Клара, замислете си ја сами. Ќе ви кажам само дека како и да ја замислите, во право сте. Оти вие душата ќе ѝ ја знаете по ова што ви го раскажувам каква е, затоа поубаво ќе ја препознаете. Таа спие скриена во секоја жена, но ретко кај која останува засекогаш. Е тие што се раѓаат еднаш на сто години, не го заборавиле постоењето на детето во нив, но се плашат пред секој да го откријат. Тие сакаат искрено и наивно иако знаат дека можат да бидат повредени.

Таквите кои се раѓаат еднаш на сто години пишуваат историја. Ако ништо друго, пишуваат приказни во туѓите животи. Сите ние сме приказни во другите животи, но и приказни сами по себе. Клара беше приказна која се раскажува со векови. Жена чиишто дела можеби не биле јунаштва од преживеана војна, туку секојдневни мали победи направени со чиста душа, мисли и срце. Приказна која живееше и после нејзиното постоење.

Клара беше и дете и девојка и жена. Не се плашеше да го каже она што го мисли, по никоја цена. Мразеше уценувања и условувања, ужасно ја нервиваа неодговорните луѓе и тие што не си го исполнуваат зборот. Оти нејзе зборот ѝ беше закон, та тоа што ќе го кажеше и го правеше, макар и ја исцедила и последната капка сила во себе. Беше посилна отколку што изгледаше, попаметна отколку што се чинеше.

Ќе ти се насмевнеше и тебе душата ќе ти запееше, срцето ќе ти затрепереше. Посакувајќи да ја гушнеш и таму да ти остане засекогаш. Таа мирисаше на дом. Не беше војник туку цела војска. Не беше само девојка или сопруга, туку рамо за плачење, најголема поддршка и поткрепа. Таа не беше камче во чијашто вода што брегот го рони пливаше. Таа беше карпа и планина. Клара беше истата таа којашто ќе аплаудира кога сите ќе ти свртат грб. Онаа која никогаш нема од тебе да се откаже, дури и кога самиот ќе сакаш да дигнеш раце од себе.

Клара не бараше многу, како и речиси сите други што беа ретки. Сакаше оној што ќе биде покрај неа да биде сигурна дека секогаш би ја избрал неа помеѓу милион жени. Сакаше тој да ја одбира секој ден, да не се предомислува поради ништо. Сакаше тој да биде сигурен дека како неа не може да најде, но апсолутно немаше намера да го докажува истото. Сакаше тој да знае дека таа немаше намера да се натпреварува со друга. Не беше тинејџерка која се плашеше дека најдобрата другарка ќе ѝ го украде дечкото.

Дури ни во тој период не се плашеше за истото, знаеше дека тој што вистински сака некого нема да дозволи да биде украден од друг. Беше романтичарска душа која веруваше дека сѐ уште постои вистинска љубов. Но и доволно реалистична за да знае дека таа повеќе постои во филмовите него во нашите животи. Тажен е животот некогаш, на пример кога Клара мораше да ги одбие момците кои посакуваа да остарат со неа. Кои ѝ ветуваа живот од бајки и куп дечиња кои требаше да се родат. „Животот не е фер“, си велеше, а ужасно беше вљубена во него.

Кога ѝ беше најтешко, таа тогаш уште повеќе го засакуваше. Благодарна поради тоа што ѝ е дадена шанса да живее. Не ѝ требаше поголема причина. Токму поради ова нејзе не ѝ беше потребен никој за да биде вљубена во животот. Иако длабоко во себе знаеше дека секому е потребен некој, на крајот од денот, постелата празна го говори она што денски си го премолчуваме пред себеси. Или барем не сакаме да си го признаеме.

Некогаш и душата знаеше да ја здоболи од помислата дека некогаш колку и да сакаш, не можеш на срцето да му наредиш некого да сака. Жал ѝ беше што постои “невозвратена љубов“ или нека бидат “невозвратени емоции“ оти љубовта уште не беше ја запознала во најчиста форма, барем не возвратената. Всушност, ѝ беше возвратена бидејќи животот ја сакаше подеднакво. Тоа и го докажуваше многупати.

Не, Клара не е лик од книга, постои таму некаде. Како што кажав, во секоја жена спие една таква неразбудена. Само што повеќето не сакаат да ја разбудат поради одредени причини. Па така остануваше засекогаш во еден длабок сон од кој нема пробудување. Ако во љубената ја пронајдеш Клара, не ја испуштај. Таквите жени се појавуваат само еднаш во животот. Истите даваат само една шанса која ако ја пропуштиш, не ја добиваш назад.

Напишете коментар