Skip to content

Нема неостварливо, има само луѓе кои воопшто не се обиделе

Уште еден понеделник во низата понеделници оваа година. Се сеќавате како лани секој понеделник наликуваше на секој нареден ден? Помните ли како неизвесноста па и стравот владеаа со сите нас додека ги броевме деновите во карантин? Не е многу далеку тој период, а мене ми изгледа како којзнае кога да беше. Дали вам ви изгледа така?

Сега кога впечатоците се сумирани, навидум ја испраќаме пандемијава, треба да бидеме подготвени на сѐ. Сигурно веќе сте си направиле едно резиме на оваа половина од годинава. До каде сте со своите цели? Она што го планиравте пред ковидот, дали конечно почнувате да го реализирате? Во ред е дури и ако одговорот не е потврден.

Збунетоста може уште да трае, може да се појави некоја мисла налик “не знам од каде да почнам“ или “што сега?“. Не сте сами. На многумина им се појавиле овие или слични мисли и пред пандемијата. Сосема е нормално во одреден период од животот човек да се почувствува збунето или несигурно. Да го измачуваат несигурноста и неизвесноста. Но тоа никако не значи откажување!

Не смеете да се откажете во најтешките мигови. Дури и кога првичниот план или првичната цел не успеала, секогаш постои друга опција. Нова алтернатива. Кога ќе се научите во “проблемот“ да пронајдете друго решение и кога неуспесите ќе ги третирате како плодна почва за нови “можности“, ќе успеете.

Вие сами ги создавате условите, никој нема тоа да го направи за вас. Почнете сега и не се колебајте. Потпрете се на себеси и бидете си своја најголема поддршка. Бидејќи никој повеќе од вас не сака да успеете колку што вие тоа го посакувате. Истрајноста и дисциплинта вкоренети како животни навики, ќе зборуваат преку вашите дела.

Ако денес никој не ви кажал дека ќе успеете и дека вие можете – еве јас ви кажувам. Обраќање во еднина: „Драг/а читателу/читателке, штом го отвори текстов да го прочиташ и трпеливо читаше, ти честитам на трпеливоста. Тука сум да те потсетам дека ти можеш сѐ. Нема неостварливи нешта, има само луѓе кои воопшто не се обиделе“.

Сакам да ве потсетам дека и понеделниците знаат да бидат убави ако знаеме како да си ги направиме такви.

Напишете коментар