Skip to content

Копнеж ти е името

Копнееш за подобро утро? Во копнеж се претвори чувството на недостиг на познат глас во твоја близина. Копнееш за да го/ја видиш повторно? Во копнеж се претвори чувството на тага од далечината измеѓу. Не онаа што се мери во километри туку по број на часови кога не сте еден до друг во исто време и ист миг.

Копнееш за мигот кога после напорен ден ќе има рамо на кое ќе ја спуштиш сопствената глава и потем ќе си ги прераскажете случувањата? Раката која крие цели светови од истото тоа рамо нежно ќе те погали, ќе ти ја подаде чашата со топол чај. Во тој момент копнежот се претворил во стварност. Оти имаш цел универзум до тебе, некој што сака да те ислуша без прекин.

Копнееш за некој што одамна требало да не биде копнеж? Колку утра и ноќи си помислил дека подобро сценарио нема од она во кое се будите заедно? Кому ли кажуваш дека не ти паѓа тоа на памет? Немој себеси да се лажеш – лажејќи ме. Знам дека во удобноста на меката постела, од другата страна на креветот ти недостига некој.

Копнеж ти е името, оти при секоја помисла на него ми текнува чие име сакам да го довикувам. Се викаш “копнеж“ оти името не сакам пред други да ти го спомнувам. Не го споменувај и ти моето напразно. Оти и моето е “копнеж“ од другата страна на гобленот. Го везев во одаите на срцево името твое, па не сакам да го чујам во твое отсуство.

А тогаш си најприсутна, тогаш си најприсутен, кога копнежот се претвора во болка од која нема лек. Единствен лек е љубовта. Таа лекува рани допола сошиени, отворени рани во срцето кои крварат без престан. Само името твое е копнеж кој трае. И најверојатно ќе трае додека ќе постои планетава. И после милион години, копнеж ќе биде името твое. Копнеж ќе биде името мое. Имињата кои ќе останат запишани во списокот на оние што некогаш можеле, ама не им успеало.

Во некој друг живот, името ќе ни биде љубов, па моето ќе го препознае твоето и ќе се запишеме во списокот на “вечноста“. Оти ти ќе останеш копнежлив, вечен недокопнеан копнеж од кој нема опоравување копнеејќи.

Напишете коментар