Skip to content

“Нарцисоидна”

Сѐ што сакав ми се згади. Немаше некоја посебна причина, едноставно се разбудив и од некои луѓе и ситуации почна да ми се повраќа.

Ни молење, ни муабет, ни, “Ајде уште една прилика”, не запали. Само среќен пат им посакав, себеси се тргнав и ми олесна.

Така е најверојатно кога се ставаш на прво место, а јас пораснав во куќа кај што сите велеа дека тоа не треба да го правам често. Трпев, готлтав кнедли, барав изговори за секакви однесувања. Кога ќе им требаше тоалетна хартија, наивно им ја давав душава, сѐ додека не прекипа.

Пукна душата и посака да се прочисти од…Па, да речеме, отровите. Од пријатели до фамилија, па сѐ до пиедесталот од кој што егоистично ме гледаше љубовта. Со тивка насмевка го срушив, а по него со гласна смеа и храмовите што му беа посветени. И штом се сруши таа квази – религија, кнедлата в грло ми олесна. Заживеав и конечно по години темнина ми текна како е тоа да се сакам само самата.

И кога ќе ме прашаат што сум толку сменета луѓе што самољубов не прифаќаат, со блескава насмевка им кажувам дека нарцисоидноста ми одговара.

Напишете коментар