Skip to content

Миле Ѓорѓијоски – Од мртов агол (афоризми)

Повторно ни пристигна нов блок на спортски афоризми наречени “Од мртов агол“ од афористичарот Миле Ѓорѓијоски. Прочитајте ги во продолжение! Ви гарантираме насмевка на вашето лице.

1. Каков е погледот на нашите фудбалери кон модерниот фудбал? Тажен.

2. Не е точно дека нашите фудбалери се продадени души. Да имаа душа, немаше да го продадат натпреварот.

3. Публиката претера со подгревањето на атмосферата. Го запали стадионот.

4. Нашите фудбалери внимаваат на традицијата. Пак го загубија натпреварот.

5. И нашите фудбалери ја користат предноста на домашен терен. Ама само кога продаваат натпревари.

6. И нашите фудбалери играат чесно. Ама само за оние на кои им ги продаваат натпреварите.

7. Дури три одбранбени играчи се запишаа во листата на стрелците. Ама за противничката екипа.

8. Нашиот центархалф не е себичен. Секогаш игра за туѓи екипи.

9. Од натпревар во натпревар нашиот клуб ја зголемуваат ефикасноста. Ама на противничките екипи.

10. И нашите фудбалери држат безбедно растојание – од топката.

11. И нашите фудбалери беа рамноправен противник. Ама само до почетокот на натпреварот.

12. На теренот имаше само двајца помошници. Во брачниот кревет многу повеќе.

13. За да утврди дали омилениот играч на неговата сопруга е во недозволена положба, не му треба помош од вар технологија туку од скриена камера во брачната соба.

14. За разлика од Сизиф, на нашите фудбалери им е полесно. Тие туркаат топка.

15. Нашиот голман секогаш знае на кој играч од противникот да му ја додаде топката.

16. Противникот играше дури со дваесет играчи! Единаесет свои и девет наши.

17. Мојот дедо вели дека тој прв ја вовел ВАР ТЕХНОЛОГИЈАТА, и тоа пред триесетина години. Продал натпревар за една кофа ВАР.

18. Нашите фудбалери постојано ја зголемуваат ефикасноста – на противничките екипи.

19. Нашите фудбалери не се оптеретени со колкава разлика ќе изгубат. Битен им е квалитетот, а не квантитетот.

20. Нашиот бек го постигна одлучувачкиот гол – за противничката екипа.

Напишете коментар