Skip to content

Вечниот дом на мојата љубов

Со мисливе ти исткаив безброј стихови. Со душава ти напишав безброј текстови. Во нив нека остане љубовта што посакував да ти ја дадам. Оти некои љубови само песни остануваат. Сонети. Стихови. Метафори. Копнежи скриени во зборовите кои му пркосат на просторот и на времето. Читателите ги оставаат во вечна дилема. Дали авторот навистина толку силно љубел? Зар е можно љубовта да е толку слепа и силна? Или поетите и писателите се луѓе со вдахнат талент од Бога, па на другите им будат безброј дилеми и очекувања кога е во прашање љубовта?

Јас сите зборови што ти ги напишав во еден тефтер ги заробив. Со платнена корица со цветови. Со позлатени листови. Го сокрив во еден темен агол на таванот. Да не можат да го најдат. Барем не за скоро. Да го најде некое од моите внуци или деца, па да ме праша дали е вистина? Дали вистина некому тие песни се напишани? Дали вистина некому тие песни се посветени? Јас и тогаш да им речам дека не е вистина. Дека стихови и текстови за никого не се пишуваат. Дека така ми доаѓаат, во моментот. И да излажам по не знам кој пат, ко што лажам секогаш за ова кога ме прашуваат. Оти сите мои ситхови се за некој. За некој кој сум посакувала да ми биде сè.

Дури и еден ден, ако се расшетаат по светот. Ако ги освојат срцата на читателите. Ако некој странец ги чита и се запраша кого олку силно љубела оваа жена, да не дознае. Да се излаже. Оти напишаните зборови не можат да ме издадат. Во тој тефтер јас запишав сè во врска со тебе. Сè освен името твое. Тоа го проголтав. Го премолчив. Затоа, дури и ако еден ден стиховите мои се расшетаат по светот, љубовта моја кон тебе секогаш ќе има дом. Домот на таа љубов е токму тој тефтер. Тефтерот со цветните корици и позлатени лисја. Сокриен во најтемниот агол на таванот. Ете, тоа е вечниот дом на мојата љубов за тебе. Таму засекогаш ќе остане.

Напишете коментар