Skip to content

Разговор со писателката и поетеса Оливера Ширговска која промовираше два романи

  • by

По повод излегувањето од печат на два романи, на наше задоволство, имавме чест да поразговараме со писателката Оливера Ширговска. Разговорите со неа секогаш будат инспирација, што ја прашавме и која беше нејзината порака до читателите  – прочитајте во продолжение!

Многумина ве препознаваат по романите „Срце“ и „Ања“, кои се дел од вашето богато творештво. Повод за денешниот разговор е излегувањето од печат на вашите две најнови дела „Исповед“ и „Прекрасен странец“. Упатуваме честитки до вас, а прашањето е: Колкав период беше потребен за да ги напишете овие книги?

– Ви благодарам за честитките, и ми претставува огромна чест и задоволство што сум дел од денешното интервју во вашиот блог ,,Крајбрежје“. За да се напишат овие книги, овие два нови романи ,,Исповед“ и ,,Прекрасен странец “ треба пред сѐ душа, мотив и бескрајна љубов кон тоа што се работи.

Романот ,,Прекрасен странец” го започнав во декември 2017 година,  и после  неколку напишани страни, кога  речиси ја доловив содржината на тоа што сакав да го пишувам, јас ставив точка и го оставив, за потоа три години подоцна истиот го завршам и раскажам една интересна љубовна приказна.

Романот ,,Исповед“ често знам да го наречем карантински роман, бидејќи го напишав минатата година, за време на карантинот, потребни ми беа два месеци, за да се раскаже една необична приказна – исповед на една мајка која ќе биде жртва за своето дете, исповедот на стариот човек за своето минато, исповедот на Едо – младото момче кое ќе биде всушност мост на обединување на двете семејства. Двата романи излегоа од печат во март оваа година (2021). Беа промовирани во Центарот за култура во Кичево ,,Кочо Рацин“, минатиот месец на 15 јуни 2021.

„Исповед“ е вашата седма книга по ред, ако не се лажам, каков жанр е, што да очекуваат читателите од неа?

– Романот ,,Исповед“ всушност е роман кој е симбиоза на семејна драма со доста емотивни подеми и падови на главниот лик и психолошки размисли во насока на пронаоѓање на решение за ситуацијата во која ќе се најде.

Дали во “Исповед“ содржината е базирана на реални случки и настани од вашиот живот или сепак станува збор за богата имагинација?

– ,,Исповед“ настана како производ на сон од кој се разбудив и почнав да пишувам, сѐ додека во потсвеста ми се редеа слики на кои сакав да им дадам текст. Пишував два часа, го раскажав тоа што го сонував, а потоа приказната веќе доби заплет, кулуминација и расплет, кој ете успеав да го напишам за нецели три месеци.

Зошто токму насловот “Исповед“, дали пишаниот текст внатре на некој начин претставува ваше лично исповедување?

– Може да се поистовети со секој кој ќе се пронајде во приказната. Нарацијата всушност е исповед на една мајка соочена со најголеми стравови и предизвици кои ѝ ги задава животот и секојдневието. Всушност тоа се денешните пороци со кои се соочува човекот – хазардство и коцкање.

„Прекрасен странец“ е името на осмата книга која излезе заедно со „Исповед“. Што се крие позади нејзината содржина?

– Романот ,,Прекрасен странец“ се случи како производ на едно од патувањата со ,,Вешта жена“ во Краљево, Р. Србија. Романот ја следи приказната на двајца млади кои ќе се пронајдат сосем случајно во малата црква во центарот на Краљево, но всушност идејата беше преку љубовта на двајцата млади да се стави акцент на ,,Вешта жена“ –  здружението, каде што сум активен член речиси единаесет години.

Дали двете книги се поврзани на некаков начин?

– Романите всушност секој за себе зборуваат на свој јазик. Во ,,Исповед” се испреплетуваат различни настани, необична средина во која ќе се најде главниот лик, и сосем неочекуван расплет, додека во ,,Прекрасен странец“ следи љубовна приказна во која ќе има доста мистерија, тајни, но и љубов која ќе се бори, необичен заплет, интересна кулуминација и расплет кој ќе ги соедини две души. Души кои ќе се пронајдат на сосема различни страни во својот живот.

Дали можеби во најновите дела постојат ликови кои веќе претходно ги имате создадено во претходните дела?

– И во двата романи ликовите ги создавам по своја замисла, им давам карактеристики, и секој зборува сам за себе. Ликови кои живеат во имагинацијата на писателот, го следат секојдневието, живеат  свој живот, ликови кои се можеби и чиста спротивност на сѐ претходно.

Што да очекуваат читателите од овие книги, кој сѐ треба да ги прочита?

– Тоа е исто како, кога ќе ја прашате една мајка кое дете го сака повеќе – за авторот секое дело има свое место во срцето и душата. Сите зборуваат на свој начин и раскажуваат необични приказни, интересни заплети. Јас топло им ги препорачувам и двата романи, во зависност од вкусот и желбата на читателите. Еве ќе почнам со ,,Исповед“,  мислам дека треба да го прочитаат младите, кои на некој начин се соочиле со тој порок и скршнале од вистинската насока. Додека ,,Прекрасен странец“  го препорачувам на секој читател кој има желба да чита љубовни романи  со интересна содржина.

Како може да се стигне до „Исповед“ и „Прекрасен странец“, за оние кои сакаат да ја купат и да ја имаат во домашната библиотека.

– Секој што има желба да ја купи, да ја има во својата библиотека, може да ме контактира лично и да ги добие книгите.

За крај на разговорот, која е вашата порака до читателите на Крајбрежје?

– На почетокот сакам да ја искажам мојата огромна благодарност за честа да бидам дел од вашиот блог ,,Крајбрежје“ посакувајќи ви пред сѐ добро здравје, среќа и успеси во  иднина. Секогаш е задоволство да се биде гостин, и да се биде дел од целото кое е двигател за создавање на трајните вредности кои ќе го красат човештвото и културниот напредок.

Мојата порака до читателите е никогаш да не се откажуваат од своите сни, да го живеат својот живот, да се изградуваат како личности кои ќе бидат свесни, одговорни, едуцирани и ќе застанат пред себе си и пред општеството. Образованието е златен клуч на секојдневието, кој ќе ја отклучи и најтешката задача, ќе изнајде решение за проблемите и дилемите пред кои ќе се соочи секој.

Уште еднаш, Ви благодарам на честа и ви посакувам успех…Со почит Оливера Ширговска

***
Благодариме за убавите желби испратени до нас, од името на целиот тим на Оливера ѝ посакуваме добро здравје, среќа и љубов заокружено со приватен и професионален успех.

Напишете коментар