Skip to content

На денешен ден се одбележуваат 50 години од смртта на Џим Морисон

На денешен ден се одбележуваат 50 години од смртта на Џим Морисон или Џејмс Даглас Морисон кој бил роден на 8 декември 1943, а починал на 3 јули 1971. Тој е американски пејач, текстописец, писател и поет, главен изведувач на групата “Д дорс“ (The Doors). Роден бил во Мелбурн, Флорида, од ирско и шкотско потекло, водечки вокал и текстописец на американската рок група The Doors. Џим важи за еден од најхаризматичните водачи во историјата на рок музиката, а и воопшто. За самата група кружи мислењето дека е една од највлијателните групи во поширока смисла, не само од музички аспект.

Морисон е автор на неколку книги со поезија, документарни и кратки филмови и на музичките спотови за песните „The Unknown Soldier“ и „People are Strange“. Смртта на Морисон на 27-годишна возраст во Париз ги запрепастила неговите обожаватели ширум светот. Начинот на кој настанала смртта и тајниот погреб се предмет на разни шпекулации и заземаат голем удел во целата мистичност што и до ден денес се поврзува со неговото име.

Биографија

Морисон е син на Џорџ Стивен Морисон и Клара Кларк Морисон кои се запознале на Хаваите. Трудната Клара се преселила во Клирвотер, Флорида во 1943 и живеела таму со свекрвата и свекорот додека Стивен Морисон учел за пилот во една морнарица во близина на Соединетите Американски Држави. Кога неговата пилотска обука завршила, пролетта 1944 заминал да служи на Тихоокеанскиот фронт за време на Втората светска војна. Клара останала на Флорида со штотуку родениот син. Џим Морисон ја добива и помладата сестра Ана и братот Енди. Како што би се очекувало за еден војнички дом, таткото на Џим Морисон и неговиот дедо биле строго воспитани.

Според Морисон, еден од најзначајните моменти во неговиот живот бил во 1947 година за време на фамилијарното патување во Ново Мексико. „Првпат во животот ја открив смртта. Мајка ми, татко ми, баба ми, дедо ми и јас се возевме наутро низ пустината. Камион со индијанци удри во колата или така нешто. Имаше насекаде на патот индијанци, крвареа до смрт. Јас бев само дете, така да останав во колата додека татко ми и дедо ми заминаа да проверат што се случува. Не можев да видам ништо…сѐ што приметив беше една чудна црвена боја и луѓе кои лежеа наоколу, но знаев дека нешто се случило затоа што можев да ги осетам вибрациите на луѓето околу мене и знаев дека ни тие не знаат што се случило.

Тоа беше првпат да почувствувам страв.. и осетив во тој момент дека душите на тие индијанци, можеби еден или двајца, се движеа наоколу... “ – вака Џим ја опишал оваа случка. Двајцата родители на Морисон тврделе дека тоа никогаш не се случило, но тој бил толку потресен од таа несреќа што тие морале да го лажат дека тоа било само сон, само за да го смират. Без разлика дали овој настан бил вистинит или замислен Морисон секогаш го спомнувал.

Џим завршува во гимназијата “Џорџ Вашингтон” во Александрија, јуни 1961. Следејќи го татко му, целата фамилија се преселува во Јужна Калифорнија во август истата година. Џим го праќаат да живее со баба му и дедо му во Клирвотер, каде се запишал на колеџот “Сент Петерсбург”. Меѓутоа, животот со строгите старци бил тежок за Џим, кој сакал алкохол. Подоцна се префрлил на државниот универзитет во Талахаси, Флорида. Јануари 1964, покрај спротивставувањето на неговите родители, Морисон конечно заминал во Лос Анџелес, каде што се запишал на студии за филм.

Уметничките корени на Џим Морисон

Неговиот татко бил офицер, а Морисонови често се селеле. Поради тоа Џимовото рано школување постојано се прекинувало додека ги менувал училиштата. Се покажал како интелигентен и способен, посебно со часови се посветувал на книжевноста, поезијата, религијата, филозофијата и психологијата. Овие интересирања јасно се одразиле во неговиот развој како текстописец и се од големо значење за неговите ставови спрема животот.

Како мал, Морисон ја откривал работата на филозофот Фридрих Ниче. Исто така ги обожавал Вилијам Блејк и Шарл Бодлер. Џек Керуак и неговиот роман „На патот” имале големо влијание на Морисоновите погледи и начини на изразување. Исто така го привлекувал и Луј Фердинан Селин и неговата книга „Патување до крајот на ноќта“. Морисон дури и се запознал и спријателил со Мајкл Маклур, многу познат писател. Маклур уживал во стиховите на Џим, но уште повеќе бил воодушевен од неговата поезија и го охрабрувал да ја развива таа своја уметност. Џим, посебно го привлекувале митовите и религијата на индијанците. Додека одел на училиште, неговото семејство се преселило во Ново Мексико, каде можел да види важни работи од индијанската култура. Тие места, гуштерите, змиите, пустините и древните езера се појавуваат во неговите песни и во неговата поезија.

Смртта на Џим Морисон

Во март 1971, се преселил во Париз со намера да прави пауза од концертите и да се сконцентрира на пишувањето. Сакајќи и надевајќи се дека ќе се врати на својот прав пат, ослабел и ја избричил брадата. За брзо време починал, на 3 јули 1971, во својата када, на 27 години. Многумина тврдат дека тоа било поради предозираност со дрога, но според некои извештаи причината било откажувањето на неговото срце. Не се извршила аутопсија затоа што медицинскиот вештак, по правилата на францускиот закон не пронашол траги од борба или некакво насилство. Со тоа оставил простор за премногу шпекулации и гласнини.

Уживајте во песната во продолжение!

Напишете коментар