Мртви луѓе

Луѓето умираа секој ден, а потоа ко ништо да не се случило продолжуваа да живеат.

Ги гледав како мртви се ценкаат за пиперки на пазар и мртви ги пазат децата во паркот со партнерот што никогаш не го сакале.
Ги гледав во публика на претстави како ракоплескаат трупови празнодушни, ги гледав и како доаѓаа на горко кафе и празни муабети кај мајка ми.
Мртви пиеја пиво и дробеа политики со татко ми, го тапкаа по рамо брат ми велејќи му дека време му е – за што, не знаеја и тие. Ја забавуваа несреќни баба ми и ја учеа како да зборува, а таа илјада пати со жив ум од нив поостра.

Ги посматрав тивко на семејни собиранки, како се смеат и претвораат дека се живи додека животот ми го објаснуваат мене.

“Излези дете. Остај ги книгите. Живеј.” Велат мртви луѓе, а јас молчам. Ми кажале на мртви да не се смеам.

Луѓето умираа секој ден, а потоа ко ништо да не се случило продолжуваа да живеат. Мртви. Бесни. Очајни. Несреќни. Ама забораваа дека секој миг можеа да воскреснат, само храброст да соберат и да посакаат.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?