Skip to content

Посакувам да сум твоја

Посакувам да сум твоја.
Од мисли да не ти излегувам,
на ликот насмевка да ти измамувам,
усните, името мое да ти ги скокотка,
да се вртиш на името мое,
ти да се вртиш, ако некој ме довикува.
Ете, толку многу сакам твоја да сум.

Посакувам да сум твоја.
Само на тебе да мирисам.
Мирисот твој и мој да е
оти ти на чисто ми мирисаш,
на свежина во воздухот после дожд,
на цут од липи.
Ти мирисаш најубаво на светов.
Јас само мирисот твој на мене го сакам.
Ете, толку многу сакам твоја да сум.

Посакувам да сум твоја.
В прегратки да ти заспијам.
Да не мора да се будам.
Да не треба да си заминам.
Да ме гледаш дури спијам.
Да ми ги бакнуваш очиве, носов,
косава низ прсти да си ја плеткаш.
Крај тебе да се разбудам.
Прво тебе на утро да те видам.
Ете, толку сакам да сум твоја.

Посакувам да сум твоја,
ко што сакам да си ми мој,
најмој, само мој.
А ќе бидеме ли свои некогаш?
Јас твоја, а ти мој?
Или секогаш ќе сме далечни,
ко што се далечни мракот и зората,
ко што се далечни квечерината и ноќта?
Толку блиски, толку свои,
а далечни, далечни до немај каде,
па ни да се допрат не можат.

Напишете коментар