Skip to content

Жештини – Анте Поповски

Има ова попладне прсти од блискост од свое
В месо да ти се вовлече и да молчи тешко
и изморено, капнато да се протега под кожа
во коски во се што си и што не си

Да легнеш врз да ти легне овој сач
на брег да легнеш да оздраве оваа лутина
до разголени меса и очи
дождови престорени

Да легнеш подалеку од сите сенки и да ги гледаш
и да ги плачеш тие мајки на сите стоења
и на сите вишнеења без птици, стебла

Да легнеш и да молчиш е ова попладне
крај брег симнато
в песок со една во вода со друга нога застанато
Да го гледаш и да го молиш и да те моли
и двајцата раце сте престорени само да молите
нешто да молите

Дур да слета морна пеперутка и да те гушка
и ти да ја мачиш и ти да ја убиеш
со едно молчење на сите камења брат да им бидеш
и да гледаш како нестануваш полека
кожата како ја пробиваш
од себе во попладнето
од попладнето во припекот како се сокриваш и пак легнат
точно кај што си да се најдуваш и да молчиш
Зашто ова попладне има прсти од блискост од свое
в месо да ти се вовлече капнато да се протега
под кожа во коски во се што си и што не си

И не стој
се искачи рекава
го мина брегов
ќе плисне врз тебе ти трчај да не те стигне
сево попладне зад себе што го оставаш дур не го изгасне

Напишете коментар