Skip to content

Секој со својата осаменост – Јелена Ѓиноска

Сама сум како дел од целината која се издвојува
Откинато делче од Галаксијата
Немо гледам кон ѕвездите барајќи го значението
Сама сум а сепак во срцето ми играат неколку луѓе
Го гледам нивниот насмев, како стар спор филм
Секоја песна жестоко врежана во мојата меморија
Која ја потпевнувам несвесно дури животот ме поразува
Сама сум, но сепак далеку од осамена
Луѓето пронајдоа милион начини за убивање на осаменоста,
но сепак кога ќе настапи глувата ноќ, тие се сами со своите мисли
Сами се додека се во големо друштво со луѓе
кои не ги гледаат и слушаат нашите пукнатини на душата
Сами додека чекаме на перонот кон нашата среќа
со незнаење каде ќе нѐ одведе возот кој доаѓа
Додека музиката е прегласна и ги надитрува нашите мисли
Уморно играјќи на подиумот со милион воздишки и раце врз нас

Сами сме…
И додека нѐ испраќаат со убави мисли и желби кон дома,
на интервју, на печалба ние сме сами, а сепак не сме
Нивните зборови вкоренети во нас
Нивните мисли пуштаат топло ветренце да не води напред
Над нашата глава милион ангели
Сами сме , но не сме осамени
Сами сме со копнеж за целина
И секој си го бира својот перон
И секој си ја бара сам својата осаменост
Својот дом
И своето друштво
Секој со свој концепт за осаменост и целина
Како дел од галаксија која паѓа дирекно на земјата
Луѓето се доближуваат и те допираат
Некои од нив остануваат засекогаш
Некои по целиот циркус вртат глава
А ние немо гледаме накај небото
Дирекно во ѕвездите,
додека ветер пријатен ни дува во грбот се прегрнуваме
И немо се насмевнуваме на судбината

Јелена Ѓиноска

Напишете коментар