Skip to content

Не ме барајте никаде

Не ме барајте никаде. Не ќе ме најдете. Јас сум нигде и секаде. Во близина и предалеку. Не ме бараје во средината на денот, ниту во ноќите пред да го повикате сонот во постела. Ниту кога сонцето свети од највисоко, не ме барајте. Не ќе ме најдете. Јас сум нигде и секаде. Секаде и никаде.

Сама се носам со тежината што ми се закачила на раменава. Секогаш сме сами кога е најтешко. Само самите себе можеме да се спасиме. Да си бидеме најголема поддршка. Во тагата сакам да сум далеку од сите. Можеби не географски толку далеку, но во сопствената глава сум илјадници километри заробена во својот свет. Таму ми е најубаво.

Не ме барајте никаде. Не ќе ме најдете. Јас сум сеприсутна и отсутна. Присутна во стиховите што некогаш од мене излегле. Меѓу страниците врз кои легнал мојот ракопис и текстовите што сум ги напишала. Во песните што сум ги читала и по пет пати пречитувала за да ги снимам. За накрај пак првата снимка да ја прикачам и пуштам во “онлајн просторот“. Таму ме има и кога не звучам идентично на аудио звукот. Ме има и во сите рецитали што ретко кога ги преслушувам штом ги објавам.

Не ме барајте никаде. Не ќе ме најдете. Отсутна сум како снег во јули месец. Во отсустноста од надоврешноста, толку си припаѓам себеси. Не можам да опишам со други зборови колку ми годи интроспекцијата. Кога ќе избегаш од себе, време е да се вратиш назад. Толку свртена кон себе, за да не можат да те пронајдат.

Не ме барајте никаде. Не ме повикувајте, зошто нема да ме најдете. Свртена кон себеси, удобно ми е во својот внатрешен свет. Не ме прекинувајте, си го следам текот на мислите. Тие се најзабавното нешто кое го поседувам, а е тајно и скриено од другите. Освен она што го глаголам и имаат можност да го чујат останатите. Останатото е моја сопственост, во чијашто луксузност на одаја каде се сместени мислите не може секој да престојува.

Полека ја симнувам тежината од рамената, но патот е долг и трнлив. Какви што се патиштата кои бараат од тебе сила, истрајност и јачина. Оние кои водат до подобра верзија од тебе. Што ти откриваат нови поглавја, кои сам си ги пишуваш. Ако треба и со крв ќе потпишеш, но од себе никогаш нема да се откажеш. Не ме барајте, заминав да се себедопронајдам.

Напишете коментар