Skip to content

Сакав да те љубам

Сакав да ти ги дадам сите изгрејсонца
и барем еднаш да го гледам зајдисонцето во прегратките твои,
да заборавам на сè, освен на тебе
и помило да ми биде очите да ги гледам,
наместо да гледам во небото,
оти очите твои мене небо ми се.

Сакав да ти се потпрам на гради
среде поле преплавено од булки
и сè околу на полен да мириса,
а јас пак само мирисот твој да го чувствувам,
оти ниту липите во јуни,
ниту чајот со цимет во октомври
не ми мирисаат толку убаво
ко што ми мирисаш ти.
Ти мене секогаш на чисто ми мирисаше.

Сакав да ти дадам чиста љубов,
ко од малечко девојче кое сè уште не го расипале,
ко од бунтовна тинејџерка која не верува дека сите се исти,
ко од скршена девојка што пак си го отвора срцето,
ко од средновечна жена што првпат го вкусува гревот на неверството,
ко од старица што не помислила на никој, освен на својот сакан.

Сакав да ти ги бакнувам очните капаци,
да ја бакнам секоја лузна на твоето тело,
не дека ќе заздрави,
ама барем помалку на раната да те потсеќа.

Сакав да ти ги бакнувам слепоочниците,
да ти ги избројам сите бенки на телото,
ако сите велат дека бенките не се бројат.
Сакав да те гледам додека спиеш,
оти никогаш нема доволно да ти се изнагледам,
за тоа ќе ми се малку два животи.
Сакав да танцувам со тебе на гласна музика
додека сите околу нас не си заминат.

Сакав на гради потпрена да ти заспијам…
Сакав…
Сакав…
Сакав…

Дали сакам сè уште?
Не ме прашувај.
Знаеш дека сакам.
Ко што сакам сите стихови само за тебе да ги напишам.
Низ сите мои стихови само одразот твој да се огледува.
Оти на човек ништо со сила не можеш да му дадеш,
ништо, освен стихови.
Нив и никогаш да не ги прочита,
тие пак единствено за него ќе бидат.

Напишете коментар