Skip to content

Да бевме езера – Лина Димоска

Да бевме езера, јас и ти
Охридско и Преспанско ќе бевме.
Разделени од непремостива планина,
а вечно поврзани преку истата.
Оти нашето поврзување
под најтешката планина е закопано.
Ама она што му е судено на човек
и на крајот на светот да е скриено
ќе излезе и ќе го најде.
Ко ти што си ми суден мене.
Ко небото што ни е судено нам.
Па штом ѕвездите ни направат свод
над главите
трчаме еден кон друг.

И да не ја премостиме никогаш планината,
дојди ми барем на сон некогаш.
Таму долго в очи гледај ме.
Таму играј си со локните од косата моја.
Таму изброј ми ги пегите на лицето.
Бакни ми ги очните капаци,
само внимавај, да не ме разбудиш.
Замини полека и тивко.
Како никогаш да те немало.
Ко да не сме се сретнале.
Ко да не се случило ништо меѓу нас.

Да бевме езера, јас и ти
Охридско и Преспанско ќе бевме.
Разделени со непремостива планина.
А вечно поврзани.
Па ниту да се пуштат, ни да се фатат
не можат.

Напишете коментар