Skip to content

Писмо за мојата неродена ќерка

Драга моја темноока ќерко,

Уште кога ќе те носам во стомакот, многумина ќе посакуваат да си момче. Јас ќе сакам да си девојка. Убава. Умна. Со крупни, темни очи, ко што посакувам да носиш. Очите од него нека ти се. Дури и да не си негова ќерка, очите негови ќе сакам да ги имаш. На светот секогаш да гледаш со детски поглед. Во сè да гледаш добрина. Секаде да наоѓаш убавина. Ама да не им веруваш премногу на луѓето оти многумина од нив ќе сакаат да те раскинат на парчиња. На една рака ќе можеш да ги изброиш оние на кои ќе можеш навистина да им веруваш. И кога ќе го читаш ова, можеби ќе се чудиш зошто ваќа ти зборувам. Ама времето ќе те научи. Ќе ти покаже дека имам право.

Учи за да разбереш. Учи за сè и сешто. За диносаурусите. За почвата. За вселената. Научи да свириш некој инструмент. Научи убаво да зборуваш барем еден јазик. Патувај низ светот. Имај барем тројца пријатели од различни држави. Запишувај ги чудните мисли што ќе ти доаѓаат на памет. А ако барем малку си како мене, чудни мисли во главата ќе имаш еден куп.

Не слушај ги другите што ти зборуваат. Биди храбра. Терај по свое! Некогаш ниту мене, ниту татко ти не го слушај, оти ниту јас, ниту тој нема секогаш точно да знаеме како се чувствуваш. Не се оптеретувај со стандардите за убавина. Тие постојано се менуваат. Биди класика. Секогаш насмеана. Секогаш пријатна. Секогаш неверојатно позитивна. Со нежен, пријатен парфем. И онака ќе си најубава.

Никогаш не чекај некој да ти даде нешто. Светот одамна не функционира така. Бори се за она што го сакаш. Заљуби се. Лудо заљуби се, без да мислиш на последиците. И онака, барем еднаш во животот, ќе ти го скршат срцето. На тој гад татко ти ќе сака да му го скрши носот. Ама јас ќе знаам дека ќе ти помине. Дека сите девојчиња минуваат низ тоа.

Води љубов со повеќе мажи. Истражувај. За да откриеш што е она што го сакаш. Што е она што е значајно за тебе. Што е она што те исполнува. Ама остани само со оној чии енергии ви се поклопуваат. Ќе разбереш дека добриот тек меѓу двајца е многу позначаен од било што. Во него ќе се заљубиш на прва. Не ме прашувај од каде знаам. Јас знам дека само и единствено во него ќе се заљубиш.

На почеток работи за искуство. Не за да заработиш. Неколку години учи од подобрите од тебе. Земи ги за пример најдобрите. И постојано надоградувај се. По некое време, заработката ќе дојде сама. Големите компании ќе сакаат да те разграбаат. А ти своите вештини и искуство ќе можеш добро да ги наплатиш. И убаво да заработиш од истите.

Најважно од сè. Опушти се. Уживај во секоја секунда. Во секој миг. Трчај боса во мраз студена река. Лежи на гола земја. Играј си со песокот на плажата. Научи да уживаш во мигот. Научи да уживаш во животот. И уживај во секој здив. Уживај многу повеќе од мене. Јас таа лекција многу потешко ја научив. Затоа не сакам ти да ја испушиш.

                Едвај чекам да ти ги видам очите…

Напишете коментар