Skip to content

Не должиш ништо никому освен на себе

Не должиш ништо никому освен на себе. Себеси си должиш сѐ, знаеш? Ако не си знаел/а тука сум да те потсетам. Штом ги читаш овие редови значи дека знаеш дека сепак нешто си должиш. Не се плаши да кажеш “не“ кога мислиш дека треба. Најверојатно тоа “не“ е со причина. Во право е твојот внатрешен инстинкт кој ти помага при двоумење.

Си должиш на себе сѐ што некогаш си помислил/а дека ти треба. Како ќе го постигнеш тоа? Реализирајќи ги своите потенцијали, правејќи го она што треба да го правиш. Со воведување дисциплина, труд и работа. Работејќи на себеси, на својот личен развој и конекцијата со својата внатрешност е важна основа за понатамошните успеси.

Си должиш себеси да се запознаеш уште подобро. Знаеш дека самиот се познаваш најдобро, но се лажеш ако мислиш дека знаеш сѐ во врска со тебе. Секогаш ќе постои нешто што можеш да го научиш и откриеш, а е поврзано со тебе. Не заборавај дека ние сме лавиринти кои во себе имаат стотици патеки. Ти си одговорен за сопствениот лавиринт.

Си должиш себеси многу повеќе отколку што мислиш. Немој да се задоволуваш со помалку од она што можеш да си го дадеш. Си должиш успех, никогаш да не се откажеш! Никому не треба да полагаш сметки за ништо, но себе немој да се лажеш. Биди брутално искрен/а бидејќи лагата може скапо да те чини на долги патеки. Ова најчесто го учиме од искуство на полош начин.

Си должиш на себе мир, хармонија и благосостојба. Ако не можеш во себе да ја пронајдеш, што фајде да ја бараш на друго место или во некој друг? Медитација, јога, водење дневник (запишување мисли), сѐ тоа е комплетно бесплатно што можеш да си го дозволиш. Само ако сакаш и можеш да одвоиш време во твојот ден за тоа.

Си должиш на себе реализација на сите замисли и цели. Зошто? Бидејќи ти си тој/таа што толку силно ги посакува. Ти си тој/таа која го помислила тоа, но и има способност да го исполни. Зошто да не? Што чекаш? Почни со чекорите кои ќе те одведат од идеја до реализација. Ќе си бидеш подоцна ем благодарен на себе, ем горд. Тоа си го должиш најмногу на себе.

Не дека другите треба да се гордеат со тебе, не толку колку ти со самиот себе. Не им должиш ништо на пријателите, на роднините, на комшиите, на партнерот. Освен да им покажеш почит и разбирање, не им должиш друго. На родителите најмногу што можеш да им дадеш е да бидеш благодарен што се тука и да живееш среќно и исполнето. Тие ти дариле живот, иако сметаш дека и него би го дал/а за нив, сепак не си им им должен ништо. Секако тие никогаш нема да побараат од тебе да им се оддолжиш.

На себеси најмногу си должиш, бидејќи твојот животен пат го одиш сам/а, иако има еден куп луѓе покрај тебе. Си должиш да бидеш среќен, исполнет,  да се вљубиш силно и истото да ти е возвратено. Да сакаш со чисто срце како никогаш да не си бил/а повреден/а. Да не се плашиш да ги покажеш чувствата, не е никаков грев кога ќе ги споделиш. Без оглед што би кажал некој друг. Веќе добро знаеме дека луѓето си зборуваат, вака или онака.

На себеси си должиш да живееш по своја мера дури и ако значи дека ќе се преселиш илајдници километри од дома. Оние што ти значат и ти се блиски, нема да престанат да те сакаат ако си далеку од нив. Туку само ќе го смените начинот на комуникација. Тие што ќе заминат од твојот живот значи не ни заслужувале да бидат дел од него.

На себеси си должиш сѐ, на останатите ништо. Ниту тебе никој ништо не ти должи. Другите само себеси си должат. Секој си го должи на себе правото да располага со својот живот, но и обврската да ги исполнува своите должности. Сите си должиме на себе преземање одговорност за своите постапки. Никој никому ништо не должи, а секој посебно себеси си должи сѐ.

Напишете коментар