Skip to content

Живеј повеќе како што сакаш, а помалку како што си се навикнала

Да можам да те видам и да знам дека ќе ме слушаш, толку многу ќе ти кажам. Да можам да те видам ќе ти речам да не забораваш која си и што можеш да бидеш. Толку многу имам да ти кажам. Само да знам дека нема да ми пркосиш со погледот. Дека нема да ја вртиш главата лево-десно. Дека нема да тераш по свое. Толку многу ќе ти кажам.

Да се смееш повеќе, а да плачеш помалку. Помалку да прифаќаш така како што е. Повеќе да истражуваш. Помалку да се мрштиш. Од мрштење подоцна ќе ти се направат брчки. Тие ќе те потсетуваат на сите глупости кои си избрала да ги проголташ.

Да можам да те видам и пак да може да разговараме како некогаш, ќе ти речам немој. Немој нешто што не сакаш. Немој нешто што мораш. Немој нешто што не е убаво. Немој тоа да го избереш за себе. Неубавите работи сто пати сами ќе те изберат. Ќе ти речам бегај. Трчај! Не врти се.

Ќе ти речам слушај што ти зборува оној тивок глас внатре, во тебе. Ќе ти речам дека заслужуваш подобро. Дека некогаш си можела навистина подобро! Ќе ти речам пушти. Остави! Немој! Не поправај чевли, пријателства и љубов! Не го свртувај другиот образ! Не простувај толку многу. Немој да се рануваш самата себе.

Немој да се извинуваш за она што го чувствуваш. За тоа што плачеш. За тоа што си слаба. Немој да се извинуваш затоа што не можеш. Немој да се доведуваш себеси до границите на издржливоста. Не мораш сè сама. Не се форсирај. Не барај оправдување за туѓите глупости. Не барај некој да те сака за да има смисла твоето постоење. Самата биди смислата.

Немој да се чувствуваш лошо за нешто што било добро. Никогаш. Не дозволувај други да ти ја одредуваат вредноста. Не дозволувај други да ти ги бројат бакнежите и прегратките. Љуби ги само оние кои сакаш да ги љубиш. Биди со оние кои прават да се чувсвуваш добро. Дури и на ден или два дена.

Никогаш не се смалувај за на некој друг да му бидеш по мерка. Да можам да те видам и да знам дека ќе слушаш толку многу би ти кажала. Биди паметна. Храбра. Не мораш на сè да дадеш смисла. Не плаши се од мракот. Не плашите од својата темнита оти таа буди силна светлина во тебе.

Да можам да те видам и да знам дека ќе слушаш ќе ти речам да не забораваш која си и што можеш да бидеш. Ќе ти речам подобро да ги избираш пријателите и подобро да ги чуваш. Да не си земаш при срце сè и сешто. Никому ништо не должиш. Не си ти ничија сопственост. Ќе ти речам да живееш поопуштено. Да не се вклопуваш таму каде што не сакаш да бидеш.

Да не ги трупаш емоциите во себе. Да не се менуваш за никој. Ќе ти речам малку повеќе да живееш како што сакаш, а малку помалку како што си се навикнала.

Напишете коментар