Skip to content

Старо Скопје – Гого Ивановски

Чувај ја, чувај ја мојата улица мала,
нерамна, крива, кај сурија кучиња лае,
каде што навечер чудесни ѕвезди се палат
и месецот долго врз прозорец зачуден трае.

Таму се уште најдобрите другари мои,
попусто времето гробишта бесплодни копа,
улицо малецна, од тебе кој ќе ме двои,
многу јас уште на твоите порти ќе тропам.

Отвори потајно, желба ме тагосна згреа,
удира старата камбаана – нешто сум далечно допрал,
колку е спокојно овде под твојата стреа,
сѐ ми е познато, улицо, каде со очи ќе сопрам.

Дамна облеката не сум ја облекол стара,
жолтее една на ѕидот дотраена слика,
пушти ме повтор со прстот низ правта да шарам,
не оставај сега никој, никој да ме вика.
Да дочекам кога тиха ќе наближи вечер,
а кога ќе земе ноќта под клепки да расне,
пушти уште еднаш мајка да ме свлече
и тихо во сонот ламба таа да ми згасне.

Отвори потајно, далечен патник ти идам,
старите пристани секогаш блиски ги имам,
кога сум изморен, сосипан кога се видам,
со утешна надеж патот дамнешен го зимам.

Таму се моите безгрижи, селици – птици,
зелена ливада, зрели мирисаат круши,
врапците пеат на градските слупени жици,
високо своето летало јас сум го кренал.

Улицо малецна, попусто времето копа,
залудно ветерот лисје изгниено кине,
многу јас уште на твоите порти ќе тропам,
не си ти, улицо, нешто што може да мине.

Напишете коментар