Skip to content

За (во) земјата каде сонцето вечно сјае и се раѓа ново сонце на слободата

Мојата земја, онаа во која се родив и израснав се викаше Република Македонија. Три години пред да дојдам на свет била дел од СФРЈ, но потоа се осамостоила како независна и суверена држава со свое знаме, грб, химна. Едно мало парче земја под небото со долгогодишна историја, со вековно постоење врз кое биле нанесени многу неправди. Да не се случеле некои историски настани географски би се протегала на уште поширок простор. Во пресрет на прославата за триесетгодишното самостојно постоење само едно кратко потсетување со какви очи ја гледам земјава и како ја доживувам.

Република Македонија била поробувана, угнетувана, потценувана, користена за политички стратегии и исполнување цели на нејзина штета. Колективна, глобална или општествена “катастрофа“ ја снашло, а еве веќе три децении оние што треба да ја извадат од општата катастрофа се обидуваат, но како да се вртат во круг. Овој текст не е политички обоен ниту блогот покрива политичка тематика. Неизбежно е кога ќе се спомене самата држава човек да помисли на власта која на некој начин треба да ја раководи земјата, донесувајќи закони и спроведувајќи ги на дело.

30 години од независноста на Р. Македонија  

Годинава (поточно утре) се навршуваат 30 години од независноста на Македонија. Можеби Северна Македонија постои како официјално име, го носиме во лични карти и пасоши, но ретко кој македонец целосно би го прифатил новото именување на земјата која е негова татковина. Сега по ново избегнувајќи го најновото име, дел од медуимите и тие коишто тешко го прифаќаат ја нарекуваат како: “нашата земја“, “нашата држава“. Наша е, но што направивме да ѝ го сочуваме достоинството? Што ние придонесовме за да остане независна, силна, суверена и достоинствена? Како граѓани го сакаме најдоброто за својата земја, а кој не би го сакал?

За земјата во која сонцето вечно сјае, во која се родиле и твореле Мисирков, Цепенков, Конески, Груев, Сандански, Делчев, Гули, Крчовски, Пејчиновиќ, светите браќа, многу направиле. Како и сите  оние (списокот е долг) кои крв пролеале и со живот платиле за оваа напатена земја да не биде поробена. Дале живот за да можеме слободно да се движиме, да сме ослободени од османлиско, а подоцна и византиско ропство. Во името на слободата и независноста што ја имаме им се поклонуваме на сите херои и паднати борци кои се жртвувале за она што до пред две години го викавме Р. Македонија.

Во земјава каде сонцето вечно сјае се родиле многу јунаци. Во сите области има барем по еден многу значаен македонец кој остварил високи достигнувања и со тоа поставил некој вид стандард за успех. Благодарение на светите браќа Кирил и Методиј и нивниот ученик Климент Охридски ние ја имаме азбуката, а со неа се описменуваа многу генерации. Допрва почнува и сѐ уште трае описменувањето на новите генерации кое е на некој начин предизвик во ова модерно време во кое живееме.

„Слобода или смрт“ – револуционерено мото од македонските револуционери употребувано во текот на македонското националноослободително движење 

Стотици години назад во историјата или пред скоро еден век, Петар Поп Арсов изјавил: „Македонија да не постоеше добро ќе беше да се измисли за доброто на Балканот“. Арсов го изјавил и следново со кое се потврдува дека бил цел век пред своето време: „Секој што однадвор ќе ни ја подари слободата ќе ни ја земе земјата“. За кои слободи и правдини се бореле македонците?

Почетокот на химната кој е многу моќен: „Денес над Македонија се раѓа, ново сонце на слободата“ зборува за слободата долгопосакувана, долгоочекувана. Дали ја добивме слободата по која трагале и за која се бореле националните херои, револуционери, партизани, патриоти? Останува прашањето да лебди во воздухот своевидно добивајќи различни одговори во различни периоди.

Историјата со нејзината тенденција на повторување не дава надеж дека почетните зборови од химната некогаш во целост ќе бидат реализирани. И кога целосно би ја добиле слободата и би се ослободиле од сѐ што ни тежи (од сите аспекти: историски, воени, соседски, гео-политички, дипломатски тегоби, товари и сл.) пак ќе се најде нешто за да ја загрози новата “слободна состојба“. Едноставно таква е запечатена судбината на мојата напатена земја. Цело време да бара слободи, правдини, а да ѝ се случуваат само неправди и злоба предизвикана од човечки фактори.

Најмоќното оружје – знаење и пенкало

Порано се бореле со огнено оружје, ја ослободувале земјава со физички напори покрај менталниот труд, со испуштање на последниот звид хероите гинеле храбро и бранејќи ги своите идеали знаејќи дека дале сѐ од себе. Денес со само неколку потписи однапред се решава судбината за тековните години. Бидете внимателни што пишувате, а и што потпишувате. Најмоќното оружје во денешно време се знаењето и пенкалото. Не се делете од нив никогаш. Напишаното на хартија останува, дури и кога нас ќе нѐ снема.

Од нас зависи во каква иднина ќе живееме понатаму. Иднината ја креираме секој ден, со секој чекор. Независни или под стеги, борбени или поробени. Силни или изнемоштени. Во држава каде сонцето сјае непрекинато за сите исто или држава која некому е мајка, а некому маќеа? За независна држава во која има еднакви права за сите или со подзамижување на неправдите? Во кава земја сакате ВИЕ да живеете?

Напишете коментар