Skip to content

Фантомскиот идеален читател во улога на спасувач на книгите

Чак Фајнели бил идеален читател и многу вреден член на библиотеката „East Lake County Library“ во гратчето Соренто (Флорида). Господин Фајнели на прв поглед чита без некој посебен шаблон, чита различни книги, од романи на Џон Стајнбек па сѐ до литература за деца. Кај овој член на библиотеката интересно е што книгите ги прочитува само за неколку минути, ги изнајмува и одма ги враќа. За девет месеци тој од библиотеката зел 2.361 книга, со што во библиотеката квотата за изнајмување е подигната за 3,9%.

Чак Фајнели постоел само во администрацијата на библиотеката, само во списокот на членови, како што известил локалниот весник „ Orlando Sentinel“. Директорот на библиотеката Џорџ Доре и неговиот асистент Скот Ејми го измислиле господин Чак Ф., давајќи му адреса, фалсификувана возачка дозвола и го осатвиле да изнајмува книги, а тој го правел тоа многу.

Кога би се погледнало поубаво би се забележало дека наизглед бесмисленото изнајмување книги сепак има систем. Фајнели се интересирал само за книгите кои долго време никој не ги приметувал и ги чекало сурова судбина од автоматското исфрлување од електронскиот систем од библиотеката. „Таму каде што машината немала милост тука човекот морал да реагира“, мислеле директорот и неговиот асистент.

Реакцијата на надлежните за фантомскиот читател

Кога надзорниот одбор на библиотеката во декември добил анонимна дојава, откриен е фантомот во библиотеката. Директорот бил суспендиран. Сепак може да се каже дека ова била претерана реакција бидејќи господинот Доре ги спасувал книгите кои не биле читани некој подолг период. Кога некои книги малку се читаат не значи дека малку вредат.

Освен тоа, праксата за постоење фантомски читател се спроведува и во други американски библиотеки. Компјутерскиот систем на основа на квота за изнајмување одлучува дали некоја книга треба да се исфрли од понудата. На овој начин стотици илјади книги се фрлаат во корпата за отпадоци. Просечниот читател денес ги чита само книгите кои имаат добар маркетинг, па често она што не е бестселер се исфрла од библиотеките.

Дополнително парадоксално е тоа што истите книги кои библиотеките ги фрлаат честопати подоцна мораат да ги набават кога од некоја причина побарувачката за нив ќе нарасне. Пред дваесет години објавен е научно фантастичен роман со назив „Bellwether“од авторката Кони Вилис. Во него се работело за научник која во регионалнаат библиотека ги проучувала трендовите и успевала пред сите да сфати кои книги ќе бидат популарни во претстојниот период.

Можеби и директорот на библиотеката бил поучен од повеќегодишното искуство и знаел дека книгите кои ги спасувал фантомот повторно ќе бидат популарни. Дали постоењето на фантомскиот читател и постапката на директорот е оправдана и корисна останува на нас да одлучиме.

Прочитајте ги и неколкуте факти за античката александриска библиотека.

Напишете коментар