Skip to content

Моќ над моќите – Елизабета Д. Лушин

Елизабета Д. Лушин е автор на еден роман „Зад виножитото“ (издавчка куќа „Дијалог“ од Скопје). Тој бил во тесна конкуренција за роман на годината (меѓу првите 5 романи). Романот во 2019 година го доживеал и своето второ издание („Здружение за книжевен развој Нов Вавилон“ – Битола). Има издадено збирка поезија „Невидливи облици“, во издание на „Здружение за книжевен развој Нов Вавилон“ – Битола (носител на признание за афирмација на македонскиот јазик и литература).

Со расказот „Урбана игра“ е застапена во збирката раскази „Паралелен живот“ – раскази од женски автори, а расказот „Кутија на заборавот“ е застапен во електронската збирка „Карантински раскази“ – издавачка куќа „ТРИ“. Со нејзина песна, застапена е како финалист во збирката „Литературни искри“, во издание на Меѓународниот поетски фестивал – Литрературни искри – Гостивар.

Застапена е и во првата електронска збирка посветена на нашите просветители Кирил и Методиј „Аз, Буки, Веди“ на здружението на просветни работници на Македонија. Оваа 2020/2021 година, нејзината бајка за деца  „Снегулката љубов“ се издаваше во шест продолженија во училишното списание „Другарче“ на Просветно дело. Во продолжение прочитајте ја нејзината песна од збирката „Невидливи облици“.

Моќ над моќите

Имам моќ – ноќите бессони да ти ги сторам,
а јас – те заспивам на градите.

Имам моќ – виулици во соништата да ти пуштам
и со кошмари да те сотрам!

А јас – лелеаво ветре ти носам, го виткам како фустан
околу голото тело
и во сон ти го подарувам.

Имам моќ – насмевката да ти ја смрзнам
и растопувајќи ја, во болка да ја претворам!

А јас – болката ти ја земам и во срцето мое ја стискам
Да не те боли… болката….

Имам моќ – во очите темнина да ти излеам,
бело-видело да не видиш!

А јас – со сила, широко ти ги отварам
и светлина ти ги појам!

Имам моќ – рацете да ти ги скаменам
и леб до уста да не допрат!

А јас- и глад и жед трпам,
додека во рацете твои риби и вино истурам!

Имам моќ – нозете, како фиданки да ти ги искршам!
А јас – закована во место,
на твоите – моите ги додавам,
врвовите да ги искачиш …. да не се измориш…

Имам моќ – плеќите да ти ги натоварам
и од тешкиот товар, коска по коска, во крв и пот да пука!

А јас – товарот – врз моите- го префрлам
и крила од Ангелите крадам ,
и тебе ти ги заветувам!

Имам моќ – животот да ти го испијам,
како сон да го распрснам низ полињата…

А јас – љубејќи те,
нов живот ти раѓам
и те Воскреснувам!

Напишете коментар