Skip to content

Што ќе правиме? – А. Лефкоска

И што ќе правиме? Ти ќе заминеш на лево, а јас на десно. Јас напред, а ти ќе останеш во местото од кое што заедно планиравме да избегаме.
Ќе имаш деца – ќе ги сакам од далеку.  Ќе ме здоболи малку, ама брзо ќе пројде штом гужвата на Метрополата ќе ме собере низ нозе, а чашата чист и неразводенет  космополитизам ќе ми ги залечи раните .

Ќе се слушаме понекогаш, обидувајќи се да ги довршиме сите оние муабети за кои немавме доволно време, под фразата “стари добри пријатели” со илјада работи преќутени, а кога и темите  ќе се потрошат, ќе молчиме. Јас ќе умирам полека во темната спална соба со преголем кревет и една перница, а ти…ти ќе мислиш како ќе се вратиш ко ништо да не боли во трпезаријата на вечера.

Ќе постираш песни љубовни одвреме – навреме на социјални мрежи и никој нема да те праша за кого се. Сепак и тие што ќе  ги интересира ќе бидат во иста каша со тебе. Заглавени во стотици  “Така требаше да биде. “ И “Ете така ми било пишано” И “Од судбината не се бега.” Се прашувам, на што ли ќе се вадиш ти? Самосожалувањето ти беше, колку што паметам, губење време, а судбината концепт во кој никогаш не веруваше своеволно и целосно. Ќе постираш песни и стихови и сцени од срцепарачки филмови и…

И младоста ќе замине. Може ќе те сретнам пак во малото паркче, може никогаш веќе нема да се видиме, ама што да правиме? Ти го одбра она сигурното, а јас – јас сум родена за она другото и не ми дава душа никако поинаку.

Погледнете го и новиот почеток што го носи септември.

Напишете коментар