Skip to content

Бесмртен скитник – Јелена Ѓиноска

  • by

Во песната ќе ги откриеш сите емоции
Доколку слушаш со срце
Доколку кожата ги отвори и ослободи своите пори
за да ја прими пораката
Тогаш ќе знаеш
Тогаш ќе умееш
Тогаш ќе научиш како да ја протолкуваш емоцијата
Која немо сакам да ти ја доловам целиов овој живот
Јас сум бесмртен скитник
Вечно барајќи си го својот дом под ова ѕвездено небо
Беспрекорно гледајќи во љубовта
и воедно со три прекрстувања и во добрината

А црнила собирам цел живот
А црнила примам
Ја апсорбирам во секој атом и ме гуши
Ми ја јаде душата чиста секој збор и постапка
По навика
Ми го кине битието на парчиња
Како сиромава облека која сум ја зела
од некој залутан контенјер од туѓи работи

Собирам туѓи работи
Во секој дел можам да ги именувам
Чии се, на кого припаѓаат
Чија душа носат и чија црнила
А ти ме гледаш како целина со мое име и презиме
без да ги видиш невидливите тетоважи
врз моето тело со туѓи имиња
Целиот нивен гнев и нивната агресија

Ти ја чекаш довербата моја
И љубезноста
Која ја трошиш со секој лош збор и лоша постапка
И несвесно ме бркаш од својот дом
И јас повторно ја преземам улогата на скитник
Заспивам под ѕвездено небо со покорна прегратка
кон перникот кој сама го сошив од моите спомени.

Напишете коментар