Skip to content

Инфицирано општество – Наталија Наумовска

Со злоба накотвена
како мравки на зрно леб
тргнале во поход без ум,
само да го наполнат својот џеб.

Зараза од неписменост се шири
минимум три децени наназад
општеството наше никако да се смири.
Болува од тежок карцином,
белите дробови му откажуваат,
вкусот полека исчезнува,
мирисот полуприсутен;
срцето не пумпа доволно крв
се бори со повеќе дијагнози
не се најсветли идните прогнози;
болува тивко, нечујно и мрачно
се бори за кислород, за еден здив,
во градот преполн, тмурен, сив.

Амнезија се појавила
не се почитуваат никави правила.
Тешка кома општеството може да го снајде
ако не се појави јунак што на помош ќе се најде.
Херои со маски, скафандери,
кациги и ракавици се спасот
тие го прават минлив патот.

Уличните дупки зинале во молк
огнот ги бои шумите во црвено
се намалува природното зелено,
планетата Земја е на апарати,
човекот со сопствено здравје ќе плати.

Инфицирано општество казна е голема,
заработена на погрешен начин,
идните генерации скапо ќе ја отплаќаат,
како да не сте свесни
дека годините назад не се враќаат!

Инфицирано општество со крвави рани
ни самото веќе не може да се брани,
заразено со нечиста крв,
со бактерии во вид на хомо сапиенс
кои носат чудни закони и нелогични забрани
им се чини секогаш ќе бидат
на тој нивен замислен врв.

Инфицирано општество кое за спас и помош моли,
во кое се удира каде најмногу го боли,
коски да му скршите можете,
но оној што коски нема, свет, наш,
единствен, дамнешен и исконски, нема да смеете!

Напишете коментар