Skip to content

„Модар накит“ од Катарина Винклер, задолжителна лекција за секоја жена

„Модар накит“ претставува дело за еден свет што на повеќето жени од развиените делови на светот им е далечен. Но на некои, кои секојдневно чекорат низ истите улице, се возат во ист автобус со нас, делат иста просторија им е толку близок и секојдневен, а ние може никогаш да не бидеме свесни за тоа.

Од почеток на делото истакната е супериорноста на мажот врз жената. Мажот е оној кој се грижи за својата чест и за честа на своето семејство. Мажот е оној кој одлучува кој што ќе работи. Мажот одлучува дали неговите деца ќе одат во училиште. Мажот е оној кој ја кити жената со модар накит. Особено впечаток ми остави раскажувањето за селанката која низ селото ја шета својата кожа без ниту една модринка или грабаница. Нејзе другите жени ѝ завидуваат затоа што не ѝ ставиле од накитот. „Кога ќе пораснам и јас ќе носам модар накит.“ – раскажува хероината. Честа е најважна во семејството на хероината на романот. „Честа ми е преку глава.“ ќе забележи авторката во еден дел од романот.

Од почетокот до крајот на романот преовладува метафората. Умешната игра со зборови на авторката го држи вниманието на читателот до самиот крај. Животот на хероината се менува кога го среќава Јунус, во еден обичен ден кај потокот. Од тој ден, па натаму, таа мечтае да стане негова жена. Кратко потоа, Јунус заминува во Германија. Девојката мечтае дека ќе носи фармерки и патики и дека ќе ужива во убавиот живот во Европа. По некое време, Јунус се враќа по својот плен. Филиз бега со Јунус. Наместо во поубав живот, таа завршува заплеткана во мрежата на пајакот.

Чувството на каење кај хероината се буди уште на почеток од нејзиното бегство со Јунус. Понатаму, книгата е сведоштво за измачувањето и теророт што една жена може да го издржи. Филиз останува заглавена во куќата на нејзината свекрва. За време на постот, не смее да јаде, иако е бремена. „Сведок сум дека нема друго божество освен Господ. Конечно сум безбожна!“ ќе забележи авторката, додека бремената Филиз едвај успева да го издржи постот  за Рамазан. За време на една од нејзините бремености, таа не го сака своето дете. Прави сè за да го изгуби бебето во стомакот. Работи. Се удира по стомакот. Но не успева.

Некогаш се добива чувство на конфузност. Не знаеш дали Филиз го сака Јунус или е со него само заради тоа што нема каде. „Копнеам по неговите удари.“ ќе рече на едно место низ страниците на романот. После долго време, Филиз и Јунус успеваат да заминат за Австрија. Таму Јунус работи и добро заработува, но тортурата врз Филиз не завршува. Напротив, како тука да почнува полошото, ако може да биде полошо од она претходно. Или најлошото. Јунус има љубовница, млада Турчинка и тоа не го крие од својата сопруга.

Во обид да избега и да се спаси од својот маж од пеколот, Филиз е разоткриена. Добива таков ќотек, што завршува во болница. Завршетокот од книгата е морбиден. „Модар накит“ претставува лекција за тоа како не треба да изгледа љубовта, каков не треба да биде брачниот живот и што може една жена да претпри. Прочитајте ја оваа препорака за книгата „Патување во Индија“ од Е.М Форстер.

Напишете коментар