Skip to content

Во одбрана на “Ѓаволот” – А. Лефкоска

Пред околу две недели, по седумдесет и трети пат во Њујорк се одржа светски познатата Мет Гала. Целта на Мет Галата е да се приберат средства за одржување и подновување на истоимениот музеј, преку организација на изложба со одредена тематика и вечера која чини над 30.000 долари од чинија. Покани добиваат само рачно избрани индивидуи. Гостите, освен медиска популарност добиваат и чест да бидат во орбитата на една од најмоќните и истовремено најкритикуваните жени на светот – домаќинката на Мет Галата, главната уредничка на Вог и “Ѓаволот во Прада”, Ана Винтур.

Тука малце ќе застанам и ќе го свртам муабетот кон она кое ме натера да седнам и да почнам да пишувам токму сега, под овој наслов и на оваа тема.

Гледајќи ја Мет Галата, Ана Винтур и Емили Блант во една иста просторија, се присетив на еден од омилените филмови “Ѓаволот носи Прада”. Па, не можев да одолеам, а да не гуглам. Не дека не знаев која е Ана Винтур. Не дека не знаев со што се занимава или па, какви критики ја следат. Но, она што го пронајдов зад мејнстримот на новости и илјадници гласини малку ме освести и ме натера да подразмислам за тоа како светот со двојни аршини пука врз мажите и жените. Поточно, врз мажите со пиштоли на вода која не може ниту да им ги достигне уредно испегланите оделца, а врз жените со куршуми потопени во сол.

Сепак, покрај сите наслови со кои ја сатанизираат Ана Винтур и сѐ што ѝ е мило, едно видео ми искокна и ми го фати окцето. Не беше ништо посебно, ниту многу популарно, но ми ја зовре крвта и ми втутна во главава илјада монолози.

Во видеото Ана Винтур уредно излегува од автомобил. Главата малку доле и малку напред. Очилата на очи и лицето импасивно. Опкружена е со стотици папараци и фанови кои довикуваат и сликаат. Но, Ана е мирна.  Обезбедувањето е околу неа, а на пет чекори е зградата во која треба да влезе. Одеднаш, додека го одминува, еден од папараците без никаква провокација извикува: ‘Ана! Кучко една!’ Најверојатно за да предизвика некаква си реакција, но не му успева. Ана продолжува понатака како да не го слушнала и влегува во зградата.

Да се вратиме сега  малку наназад до “Ѓаволот носи Прада”.
Досега, целиот свет и баба му знае дека страшната Миранда Присли е базинрана врз Ана Винтур. Но и покрај сите критики кои Миранда ( Ана) ги трпи во 2006 – та, во 2021 – ва светот изгледа малку поинаку.

“Океј да, многу бара. Ама ако Миранда беше маж, никој немаше да примети ништо друго за неа освен тоа колку е добра во својата работа.” – Вели Енди Сакс во филмот.

Не можам, а да не се согласам.  Светот, ко што гледам од скорешните блогови кои пишуваат на оваа тема, тргнува да е на иста бранова должина. Наместо жена – змеј која ужива да отпушта и малтретира  вработени, светот полека почнува да се сфаќа дека Миранда Присли (Ана Винтур) е жена на една најмоќните и најодговорните позиции во светот, притоа опкружена со мажи кои желно го чекаат нејзиниот пад и веќе над три децении пробуваат да ѝ кажат како да го води магазинот кој таа го има донесено во својата “Златна Доба”на постоење. Неминливо е  да се каже дека  Вог и покрај интернетот сѐ уште одлично се продава. Ова е факт кој поголемиот дел од “фините момци” и “главните момци” како репортеров, со задоволство го занемаруваат.

Можеби, од професионален аспект не знам виртуелно ништо за модата. Но, знам неколку работи за ова климаво патријархално општество и “фините момци” – нискоинтелигентни припадници на човечката раса, кои мизогонистично и во дваесет и првиот век се обидуваат да го срушат и заработат на урнатините на имиџот на една жена. Жена која макотрпно се искачила по скалилата на врвот со својот талент, посветеност и една полушкртната врата.

“Фини момци” со големи комплекси и мал…коефициент на интелигенција. Културни само кога им одговара, а изгубени во вистинскиот свет. Агресивни кога ќе се одбиени. Спремни да исмеваат. Да сатанизираат. Да прават карикатури од жените што до коска ги плашат. “Фините момци” како репортеров кажуваат “шеги” за силување и мизогонистични гатанки, а штом некој ги запре одма одат рикверц и ја навредуваат смислата за хумор на соговорникот.

Да, јасно ми е дека Ана Винтур не е мала и кревка и дека не ѝ е првпат да се соочи со вакво нешто. Да, јасно ми е дека не ѝ треба одбрана. Јасно ми е и дека она ‘Ана! Кучко една!’ Ќе се одбие од оклопот што како жена на машко игралиште мора да го има. Но, како жена и јас самата чувствувам обврска да го подигнам гласот зошто од молчење аир нема. Некој еднаш, на некаков начин мора да прозбори и да го каже она што од 2006-та наваму неферски се премолчува, а тоа е дека: Ѓаволот не носи Прада. Ѓаволот носи машко его кршливо и камера.

Подолу можете да го видите видеото:

Напишете коментар