Skip to content

„Squid Game“ е најновата серија која според Нетфликс ќе биде најпопуларна досега на оваа платформа

Squid Game е јужнокорејска драмска телевизиска серија што се емитува на Нетфликс. На 17 септември годинава се одржала светската премиера на серијата. Напишана и режирана е од Хванг Донг-хиук, а главните улоги ги толкуваат Ли Јунг-eае, Парк Хае-су, Јунг Хо-јеон и Ви Ха-oнун. Серијата има само една сезона со девет епизоди.

Возбудливоста е присутна уште од првите минути на првата епизода. Главен акцент на дејствието се парите, борбата за живот (преживување), опстанокот, (не)грижата за семејството. Прикажани се повеќе страни од животите на луѓе кои се заглавени во долгови и со еден куп проблеми поврзани со парите. Немајќи што да изгубат сите 456 “играчи“ се впуштаат во “слепа“ авантура по навидум лесна заработка на огромна сума пари. Се следат сензорски и со камери насекаде додека престојуваат во просториите каде се одржуваат игрите. Дотаму стигнуваат онесвестени без да знаат каде ги однесле.

Она што ќе се случува во првата игра е само увертира во следните игри кои се сурови, немилосрдни, тешки и опасни по живот. Влогот кој секој играч го дава е сопствениот живот, а маскираните луѓе кои ја контролираат играта под водство на “главниот“ имаат право да одземаат туѓи животи на играчите. Кога некој нема да ги почитува правилата отпаѓа од играта, а колку помалку луѓе играат толку е поголема сумата што ќе ја освојат преживеаните.

Поважна од физичката сила е психолошката состојба во игрите за преживување. Само најјаките, најиздржливите и најснадоливите успеваат да ги победат игрите. Трговијата со органи исто така е тема која се наоѓа во оваа серија. Со само еден потпис “измамените“ луѓе доброволно прифаќаат да учествуваат во играта (која повеќе е како своевиден експеримент) без да се целосно свесни во што се впуштаат. Потпишувајќи тие дозволуваат со нив и нивните тела да се прави што се сака.

Навидум детски игри кои некогаш се играле во детството, сега се трансформирани во игри за преживување. Контролата на апетитот (и спиењето) се манипулирани со цел играчите меѓу себе да почнат сами да се елиминираат. Од вкупно пријавени 456 играчи бројот се намалува со секоја наредна игра. Стравот на играчите е клучна алка која ги одржува или во живот или ги носи во пропаст. Тој е контролиран со оружје, но и борба за опстанок.

Препорака доколку сакате занимлива серија која нема да ве остави рамнодушни. Напомена: Содржи насилни и (сосема малку) секс сцени, не се препорачува за лица помлади од 16 години.

Погледнете го трејлерот за Игра со лигни (Squid Game)

Напишете коментар