Skip to content

Песна – Матеја Матевски

Од каде о каде доаѓаш ти позната незаборавна
песно ти дете безнадежно ти наивно
стрело од тревите и птицо на калта
сува и бескрајна врвицо низ дождот
врвицо сребрена игрива камењарко
каде ме водиш

Секогаш наслутена во водите и мракот
ти гриво блага гриво груба
нерамнодушно смела
секогаш жилаво месо на земјата и ноќта
гриво остра сабјо немирна на виделото
по сребрената врвица на просторот
како зрак и како светкавица

Па однеси ме па однеси ме велам ти детство
однеси ме ти песно старост вечна и незаборавна
ти најголема илузијо без метафора
прозору неспретно отворен грубо длабок
за сите бои на вечноста

Однеси ме низ овој дожд ти врвицо
за да ме вратиш блага во овој пристан мал
во ова нежно седало на сонот

Напишете коментар