Skip to content

Ако некој го осудува твојот пат, позајми му ги твоите чевли – Ангелина Василевска

  • by

Секој од нас најдобро се познава себеси. Знае колку може да постигне, свесен е за големината на својот капацитет. Секоја индивидуа сама поставува граници, а почитува и применува одредени правила и носи со себе извесни морални вредности. Секој индивидуално размислува за својата иднина, прави планови, се мачи да постигне нешто. Се труди со својот максимум за подобар живот. Секој поединец си има зацртано своја шема за живеење и најчесто се води според неа. Некогаш му успева да го постигне посакуваното, а некогаш не.

Но дури и кога не го постигнува планираното, секој човек секој нареден ден се самоохрабрува да не се откажува. Тоа што не се остварило, повторно се обидува да го добие. На полесен или на потежок начин. Човекот неуморно работи, дејствува, изнајдува начини да направи нешто, да биде најдобрата верзија од себеси. Тој и покрај сè што прави е осудуван дури и навредуван од останатите луѓе. Тоа е за жал дел од човечката природа и менталитет, да не се гледа сопствениот живот, туку да се има грижа за тоа што прави другиот. Или народски кажано свој леб јадам туѓо гајле берам.

Во таквите моменти секоја индивидуа треба да ги занемарува дистракциите, да го почитува туѓото мислење, меѓутоа да не потпаѓа под манипулации. Точно е дека совет даден од постарите или од пријател, сестра, брат, некое стручно лице и слично треба да се послуша, меѓутоа секој човек сам за себе треба да решава за својот живот. Бидејќи единствено тој чувствува што е најдобро за него и што го прави среќен и исполнет. Затоа борете се да бидете посамостојни, бидејќи секогаш се сведува на тоа дека секој човек главно се потпира на себеси.

Почитувајте ги и сакајте ги другите. Дозволете им да ве поддржат и да ве посоветуваат, ама не ја губете својата индивидуалност, сопствениот стил на размислување и одлучување. Бидејќи секој од нас е уникатна личност и треба да работи првенствено на себе. Затоа што така се гради себеси како поединец кој има свое јас и се издвојува од толпата како посебна индивидуа која има свој став и свој живот. Токму затоа размислувај со своја глава. И секогаш биди свој со сите твои убави и лоши страни, бидејќи никој не е совршен. А само мал дел од  тоа совршенство  се постигнува преку тоа да се чувствуваме слободно во своја кожа без грижа на совест.

психолог, Ангелина Василевска 

Напишете коментар