Skip to content

Музејот кој не постои (сатирична приказна)

Прочитав некаква статија под наслов „Глина во рацете на човекот“ и од него дознав дека имаме „Музеј за грнчарство“. Се распрашував каде се наоѓа тој музеј, но никој не знаеше да ми каже. Го барав и преку телефонски информации, но неуспешно. Веќе заборавив на музејот меѓутоа еднаш барајќи нотар видов плочка со натпис: Музеј за грнчарство. Ги прескокнав соработниците и директно влегов кај директорот Грнчаров.

– Господине Грнчаров, ве открив сосема случајно. Јас сум новинар.

– Повелете, седнете.

– Би сакал да ви поставам неколку прашања. Од кога сте директор на музејот?

– Од самиот почеток, од пред седум години.

– Дали ви се чини дека луѓето знаат многу малку за вашиот музеј? Не можев многу да откријам ниту преку интернет ниту во телефонскиот именик.

Ме погледна зачудено.

– Како би го откриле кога таков музеј не постои?

– Сакате да кажете…

– Токму тоа што го реков. Нема таков музеј.

– А како сте тогаш вие негов директор?

– Тоа е друга работа. Еве дури имам и заменик, имаме кустос и само ни недостига музеј!

– А поради што недостига?

– Тоа е повеќегодишен проблем. Имаме решение, имаме низа уредби, но поради честите смени на владата прво нè одредуваа како дел од Министерството за култура, потоа како дел од Агенцијата за туризам, потоа како дел од Институтот за земски проучувања….Сега сме административно под управа на Институтот за истражување на знаење и сè повторно целосно се замрси.

– А каде се наоѓа тој институт? Ви ветувам дека ќе го проучам проблемот од корен, ако треба ќе предизвикам скандал во тие институции!

– Вашиот ентузијазам е заразен, но морам да ви кажам дека таков институт не постои. Вработени се само директор, секретарка и неколку научни соработници. Допрва претстои целосно отварање.

Станав, се поздравивме и директорот ме испрати до вратата.

– Ако напишете нешто за нас, јавете ни каде ќе можеме да го прочитаме тоа. Всушност, од кој весник сте?

Господине Грнчаров – одговорив, – јас сум од списанието “Иднина“. Тоа списание сè уште не излегува, но и тој има свој главен уредник, заменик и двајца уредници од кој едниот сум токму јас. Веќе осум месеци собираме материјали за првиот и вториот број. Така што ќе имам прилика да ви испратам примерок за вашиот музеј.

– Одлично, тогаш ќе имаме основа да отвориме работно место за документаристи. Веќе имам една индивидуа во предвид – заклучи насмеаниот директор па ние двајца се разделивме како најблиски пријатели.

Непознат автор

Прочитајте ја и поучната приказна „Што живее во нас?“

Напишете коментар