Skip to content

Проклетството и благословот кога сè чувствуваш предлабоко

Проклетството и благословот да се чувствува и доживува емотивно сè наоколу не им се “паѓа“ на слабите луѓе. Само тие што туѓите емоции можат да ги осетат на своја кожа го разбираат ваквиот дуализам. Некогаш е исцрпувачки, а некогаш толку олеснително. Зависи од начинот на кој ќе им се пристапи на емоциите и како ќе дозволиш тие врз тебе да (не) влијаат. Емпатијата некогаш знае да истоштува, но повеќе е благослов отколку проклетство. Кога се ставаш во туѓите чевли и туѓата болка или радост можеш да ги почувствуваш како свои, можеш да правиш избор. Чувствувајќи ја неволјата во која се наоѓа некој и знаејќи како му е во моментот ти си поподготвен да помогнеш.

Без оглед кој е од другата страна, емпатијата ти помага да го погледнеш светот од повеќе перспективи. Регулирањето на емоциите не е лесна задача, а уште потешко е кога емоциите ќе те совладаат. Тогаш ти треба време за себе, тивка просторија и одмор од сè што те истоштило. Некогаш одморот значи подолга прошетка во сопствено друштво, а честопати слушање музика и следење на сопствениот ритам на дишење.

Можам да се расплачам на текст од песна или мелодија (најчесто кога никој не гледа), а можам и да ги задржам солзите кога има луѓе наоколу. Срцето ми се растревожува од глетка на мали бебиња и деца кои питачат на улица и седат во скутовите на нивните мајки додека молат за некој денар или парче леб. Ме расплакуваат и сцени од филм, серија, документарец или некои срцепарателни видеа од друштвените мрежи.

Можам да се расплачам додека читам било кој жанр на книга ако во мене се разбудат некакви емоции. Ми се плаче од неправди, од злоба, лошотилак, некултура и безобѕирност. Најчесто тогаш стегам заби и не дозволувам да ја покажам својата ранлива страна. Се обидувам да се изборам со сè и со секоја препрека. Оти чувствителните луѓе не се слабаци, оние што плачат не се безнадежни и беспомошни. Тие се имаат себе и само на себеси се потпираат. Се мијат во сопствените солзи, а нивните души се најчисти, како утринска роса.

Од една страна позитивно е што можеш сите да ги разбереш и потешко те држи лутината. Од друга страна негативно е што можеш да разбереш и да простиш, но ако еднаш те повредат без проблем прекинуваш секаков контакт со нив и тие за тебе повеќе не постојат. Екстремен начин на дејствување, признавам. Во негативното она позитивно е што се прави селекција од оние кои вреди да се дел од твојот живот и од тие што не треба.

Луѓето кои чувствуваат предлабоко и те како му се потребни на светот. Без нив сè ќе изгледаше црно-бело и светот ќе беше сив. Благодарение на чувствителните луѓе постојат нијанси и шаренила од бои. Луѓето кои плачат кога никој не ги гледа, а потоа бришат солзи измивајќи се во нив, и продолжуваат понатаму, се скапоцени. Ги здоболува туѓа несреќа небаре ним им се случила. Знаат дека туѓата реалност не е нивна, како што ни нивната не е сечија, но можат да сочувствуваат со сè и секого. Солзите не се израз на слабост. И силните луѓе плачат. Сите луѓе имаат своевидна сила во себе. Се рекло дека во животот секому му е дадено онолку колку што може да издржи. Според ова мора да сум премногу силна, покрај сите солзи и внатрешни борби.

Нема човек кој во тешките мигови не се соочил со самиот себе и увидел дека единствено му преостанува да биде силен. Силен заради себе првенствено, а потоа за луѓето што живот му значат. Драги луѓе со чисти души, кога душата плаче знајте дека ќе дојдат денови и кога ќе се радува. Кога срцето крвари од нанесени рани ќе дојде период кога ќе се залечи само. Знајте дека секоја солза е скапоцена, не се лее баш за секого.

И кога ќе ја задржите во себе и подголтнете солзата што пече, насмевнете се во себе. После секоја битка вие сте уште посилни, помудри и поживи. Штом можете да плачете, можете и да се смеете. Драги луѓе со чисти души вие сте богатството и благословот што овој свет можел да гo добие во жива форма.

Напишете коментар